Бугарката Кристалина Георгиева и официјално е новиот шеф на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Таа на оваа функција ќе ја замени Кристин Лагард, која поднесе оставка за да го преземе раководењето со Европската централна банка. Управниот одбор на ММФ одобри Кристалина Георгиева да биде директор во наредните пет години. Нејзиниот мандат почнува на 1 октомври.
„Огромна е одговорноста да се биде на чело на ММФ во време кога глобалниот економски раст продолжува да биде фрустрирачки, трговските тензии продолжуваат и долговите се на историско високо ниво. Наш непосреден приоритет е да им помогнеме на земјите да го минимизираат ризикот од кризи и да бидат подготвени да се справат со кризите. Притоа, не смееме да заборавиме на нашата долгорочна цел – поддршка на стабилни монетарни, фискални и структурни политики за градење посилни економии и подобрување на животот на луѓето. Тоа исто така значи и решавање на прашања, како што се нееднаквост, климатски ризици и брза технолошка промена“, изјави Георгиева.
Таа досега беше извршен директор на Светската банка и е втора жена што ја предводи ММФ по заминувањето на Лагард. Од 1 февруари 2019 година до 8 април 2019 година Георгиева беше привремен претседател на Групацијата на Светската банка. Како привремен претседател Георгиева беше одговорна за напорите на групата на Светската банка да стави крај на екстремната сиромаштија до 2030 година и да го зајакне споделениот просперитет во целиот свет.
Како извршен директор на Светската банка, која ја сочинуваат Меѓународната банка за обнова и развој и Меѓународната асоцијација за развој, Георгиева има изградено поддршка во меѓународната заедница за мобилизирање на ресурсите за сиромашните и за средните приходи и за создавање подобри можности за повеќето ранливи групи луѓе во светот.