Дали кризата со маслото за јадење е вештачки создадена ?
Масло има во магацин, има во стокови резерви, ама се чека Амин од Србија. Во изјава за порталот “Сакам да кажам” , директорот на велешка „Маслодајна“ , вели дека повеќе од 500 тони пакувано масло за јадење е подготвено за продажба но никој не му го бара нити купува откако државата се откажала од ДДВ-то и ја ограничи трговската маржа.
„Имаме доволно залихи на масло за јадење. Ние, како најголем производител од сончоглед, се обезбедивме и не сме зависни од увоз во овој период. Граѓаните не треба да имаат загриженост, ние работиме тековно и ги задоволуваме потребите на пазарот. Секој трговец кој ќе се обрати може да набави масло за јадење, секој ден. Не трчаме да обезбедиме рафинирано масло. Не чекаме Србија или друга држава да дозволи извоз на сурово масло. Без разлика дали ќе се дозволи, ние имаме доволно количини да ги задоволиме потребите на македонскиот пазар“, вели Лазов во изјава за СДК.
Полни се и стоковите резерви и повеќе од тоа што е утврдено со Закон, вели за АЛФА, директорот Абдурахами. Иако Законската регулатива дозволува во случај на поголемо нарушување на пазарот да бидат отворени стоковите резерви, досега не слушнавме за такво нешто. Според директорот, до сега во државата немало ситуација кога трговците биле спречени да набават, а недостатокот бил поради тоа што побарувачката од луѓето е поголема од нормалната.
“Па не до сега не сме имале таква ситуација во државата кога трговците не се во можност да набавуваат тогаш се пуштаат во употреба, кога се гледа дека недостасува, меѓутоа паниката си го правеше своето и луѓето си набавија повеќе од што им треба . Сега е мирна ситуацијата, нормално си тече набавката и не верувам дека за било кои артикли кои ги чуваме ќе има потреба да интервенираме од стоковите резерви. Ние и со ребалансот на буџетот од Влада предвидено е за секој случај да набавиме резерви плус додатни количини на стоковите резерви што мислам дека нема место грижа. Набавката си тече нормално, за интервенција не верувам, изјави Реси Абдурахами, директор на Агенцијата за стокови резерви.
„Абер “ од Србија за тргање за забраната за извоз на масло се уште нема. До сега имаме само очекувања и надежи дека тоа ќе се случи, но што доколку соседите одлучат да ни кажат „НЕ“? Владата уште еднаш порача оти одлуката на Србија се очекува неделава, граѓаните да биле спокојни, па топката ја префрлија кај трговците, односно најавија засилување на контролите од страна на Државниот пазарен инспекторат. Властите се надеваат дека со вчерашните мерки ќе го решат проблемот, но очигледно е што во моментов пострашно од тоа што маслото е скапо е тоа што го нема.