Новата владина мерка од 1 март наместо замрзнати цени, да има ограничени трговски маржи на дел од основните прехрамбени производи, ќе влијае и врз домашното производство и врз цените оценуваат за ТВ 24 дел од производителите.  

Иако не сакаат предвреме да шпекулираат со бројки за колкав процент би поскапеле производите, сепак велат граѓаните да се подготват за новиот ценовен бран. Земјоделците веќе најавија дека им се зголемени трошоците за производство заради високците цени на репроматријалите, што значи дека ќе излезат и со повисоки цени на пазарот.

Засега со бројки не сакаат да шпекулираат ниту дел од производителите на свинско месо. Во земјава велат раст на цените ќе има тоа е неизбежно, но нема да биде драстично.

Дел од познавачите предупредуваат дека големо влијание на цените ќе има и ситуацијата со Украина. А по рускиот напад, цените на пченицата на светските берзи го достигнаа највисокото ниво од 2012 година.

По предупредувањата на дел од познавачите дека по новата владина одлука од 1 март – прва на удар ќе биде цената на лебот, ТВ24 денеска стапи во контакт со претставници на пекарската индустрија, но оттаму не сакаа да коментираат. Дел од бизнисите ја чекаат одлуката во Службен весник за да пресметаат колку и кои производи ќе поскапат.

Од 1 март на 5 отсто се ограничува маржата за  трговијата на големо и до 10% на таа на мало. Одлуката се однесува на лебот, шеќерот, солта, брашното, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко, свежото месо и сувомеснатите производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот.