Оние што имаат девизни сметки во банките со валута: шведска, норвешка или данска круна, според новото упатство за банките, може да извршат нивно безготовинско префрлање на денарска сметка.
Во банките и понатаму не се менуваат шведски, дански и норвешки круни, а тоа не го прават ни менувачниците, но сепак, по одредени канали, како што дознава „Слободен печат“, нивната замена е можна, но со провизија од 50 проценти. Добра вест е што за оние што имаат девизни сметки во банките на ова валута, банкарите им овозможуваат да ги префрлат во денари, на денарска сметка во истата банка.
Во менувачниците велат дека постои голем интерес особено за замена на шведската круна.
– Има многу наши иселеници што со години им носат пари во лето на своите семејства. Тие доаѓаат со круни. Многу имаат и поголеми износи и остануваат стаписани кога ќе им кажеме дека не им ги заменуваме парите. Ова, како што сега се случи, никогаш не се случило. Без никаква најава, без преоден период да не може да се менува странска валута. Барем да се дадеше некој период од еден месец, со засилена кампања, па да знаеја луѓето што да прават со парите што си ги имаат – ни велат во една менувачница.
Наш соговорник, пак, ни објасни како функционира замената со 50 проценти провизија.
– Народната банка го објавува средниот курс на валутите и врз основа на тоа се формира куповен и продажен курс, како од страна на банките, така и од страна на менувачниците. Објавен е и курсот на шведските и на данските круни, но бидејќи сега не може да дојдете во банка, или во менувачница и да ги замените, неофицијално на менувачкиот пазар се појави и промената на круни во друга валута со 50 проценти провизија – тврди нашиот соговорник.
Тој вели дека потоа менувачите што го прават ова, по свои канали, исто така по ниска цена ги продаваат овие валути на луѓе што одат во Шведска и во Данска, како, на пример, на некои што се занимаваат со превоз на стока во овие земји.
– Има луѓе што се во паника и што имаат големи износи од овие валути и кои сакаат по секоја цена да ги сменат, а има и такви што менуваат мал износ, затоа што им требаат пари. Исто така, има луѓе што се заинтересирани круните да ги добијат по многу помала цена од официјалната, така пазарењето во Шведска или Данска ќе им биде многу поевтино – објаснува нашиот соговорник.
Обиколката во повеќе банки ни потврди дека не може да се сменат круните, но дека ако во банка веќе имаме круни, тие може да се употребат.
– Според новото упатство што го добивме, ако имате на наша сметка круни, нема да можеме да ви ги исплатиме во готово како таква валута, ниту пак може да направиме трансфер во денари за готовинска исплата. Но, можеме безготовински да ги трансформираме во денари и да ги префрлиме на ваша денарска сметка во истата банка – ни објаснија во една банка.
На 16 јуни Македонската банкарска асоцијација (МБА) ја извести јавноста дека деловните банки во нашата земја не прифаќаат ефективни парични средства во валута норвешка круна и шведскa крунa.
„Причината за тоа се прекинатите врски за размена на ефективните парични средства во овие две валути од страна на деловните банките во Норвешка и Шведска поради зголемена претпазливост во врска со нивната регулатива за спречување перење пари, за што има официјални известувања од централните банки на овие две земји. Одлуката за прекин на тргувањето со готовина во норвешки круни и шведски круни од страна на домашните деловни банки не влијае врз безготовинскиот промет односно клиентите и понатаму можат на девизниот пазар да купуваат и да продаваат норвешки круни и шведски круни, во согласност со своите потреби, на истиот начин како што од неодамна се одвива и тргувањето со дански круни“, соопштија од МБА.
Интересен факт е и што централните банки во Норвешка и од Шведска се огласија откако, како што наведуваат самите, добиле многу прашања за менувањето на нивните валути во странство.
Шведската централна банка на 19 јуни објави дека добиле многу прашања во врска со тешкотиите во размената на шведски банкноти за локална валута во странство.
„Проблемите при размената на шведски круни во странство се појавија и се случуваат надвор од границите на Шведска во овој меѓународен систем на менувачници, кај трговците на големо и во трговијата. Ако планирате да патувате во странство, алтернативите за размената на валутата во странство вклучува размена во Шведска, или користење други начини на плаќање како што се картички што работат во странство“, соопшти Шведската централна банка (Риксбанк).
Претходно, на 8 јуни централната банка на Норвешка (Норгес банк) соопшти дека „е информирана дека некои банки во Норвешка станале порестриктивни за купување банкноти НОК од странство, повикувајќи се на правилата за перење пари“.
„Ова поттикна некои странски банки и менувачници да престанат да прифаќаат банкноти НOK. Според она што го дозна Банката, проблеми има и со размена на банкноти на дански круни и шведски круни надвор од Скандинавија. Оваа ситуација не е резултат на одлуки или дејства на Норгес банка. Банкнотите се разменуваат преку националните граници под комерцијални услови, а банките во Норвешка прифаќаат депозити во готовина. Овие активности се предмет на општи банкарски регулативи“, соопштија од шведската централна банка.