Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) на денешната прес-конференција излезе со барања за зголемување на платите од 30 проценти, четири отсто инфективен додаток, корекција на Колективен договор, бенефициран стаж и поголема заштита за здравствените работници.
Гоце Делчев, главен генерален координатор на сите независни синдикати во конфедерацијата во КСОМ и претседател на Независниот синдикат на полицијата, информираше дека е донесена одлука во секторот здравство при КСОМ, за организирани протести почнувајќи од денеска, па продолжувајќи и утре, во триесетина здравствени објекти. Протестите ќе бидат во кругот и во рамките на самите здравствени установи, за време на паузата на вработените. Целта е да се искаже незадоволството поради неисполнети барања.
– Ако до среда нема одговор на нашите барања, ако не бидеме повикани на разговор околу решавање на проблемите, наредниот петок протестот ќе биде пред Министерството за здравство, рече, нагласувајќи дека огромен дел од медицински персонал заминува од државата поради мали плати.
За по три недели, најави протестен марш на здравствени работници, ако немаат дотогаш позитивен одговор на барањата.
Лазе Костовски, претседател на Независен синдикат на геријатрија рече дека во изминатиов период се вршел притисок врз нивни членови во одделни здравствени установи. Целта на притисоците, како што нагласи, била да се оттргнат од протести.
– По мое лично мислење, министерот не е вмешан во тоа, вмешани се некои други синдикати, чии членови преминуваат кај нас. Доколку не престанат притисоците, ќе поднесеме тужби, најави Костовски.