Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија смета дека економско-социјалната состојба во државата е лоша, оти социјалното партнерство и дијалог не функционира, се кршат одредби од колективни договори и закони, особено законите за работни односи и за пензиско осигурување, а се бележат притисоци за зачленување или прекин на членство во одредени синдикати.

Пред претстојниот празник на трудот 1 Мај, од КСС најавија дека нема да одржат протест, а од Владата побараа отпочнување преговори во делот на платите, согласно Законот за работни односи и колективните договори, задолжително учество во најавениот ребаланс на Буџетот во делот на платите, како и социјалното партнерство да почне да функционира и на централно и на локално ниво.

 

– Веќе имаме некои преговори со Владата на РМ и со премиерот Зоран Заев. Нашето трпение ќе биде дотаму додека членовите имаат трпение за исполнување нашите барања што се во рамки на законите и колективните договори. Кога ќе почуствуваме дека сме манипулирани и дека се купува време нема да чекаме да излеземе на улици или да почнеме со реализација на некоја порадикална синдикална мерка, рече на денешната прес-конференција претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

Ставот на КСС, посочи тој, е дека 1 Мај го одбележуваат и празнуваат, како и дека не чекаат да дојде овој празник за да излезат на улиците.

– Тоа го правиме секогаш кога ќе почуствуваме дека има потреба да протестираме и кога ќе бидеме доведени во таква ситуација за да тоа биде единствен начин да дојде до реализација на барањата, истакна Ралповски.

Посочи и дека во последно време ескалира проблемот со прекинувањето на работен однос на илјадници вработени во јавниот сектор, и потоа на нивно место вработување други, и побара надлежните инспекции на направат проверки и ревизии на сите отпуштања за кои постојат индиции дека се прекршени закони.

МИА