Конфедерацијата на слободни синдикати денеска почна кампања за поголеми плати во јавниот сектор „Пристојна плата за пристоен живот“ која ќе се одвива на социјалните мрежи, посети, собири и конференции во повеќе градови зависно од барањата на членството.

Ќе кажеме стоп на потценувањето и игнорирањето на јавниот сектор кој веќе стана социјална категорија, стоп за дискриминација и политички притисок во јавниот сектор, за отпуштање од позиција на моќ и вработување на други лица, за притисоците врз синдикалните лидери, рече на прес-конференција претседателот на КСС Благоја Ралповски, не исклучувајќи активностите да прераснат во радикализрано синдикално делување.

Како што истакна, нема да отстапат од барањата за усогласување на платите во јавниот сектор согласно процентот на покачување на минималната плата, покачување на платите во јавната администрација без дискриминација на одредени сектори при следниот ребаланс на Буџетот, за почитување на колективните договори особено во делот на коефициентот за исплата на плата.

 

 

Како синдикат, потенцира Ралповски, сме загрижени од притисокот со кој се соочуваат наши членови за зачленување или отчленување од синдикати, закани за казнени мерки ако не се постапува според наредби од моќници, деградирање, манипулирање, психичко вознемирување, упад во синдикални организации, нивно преземање со закани и моќ, бесправно стопирање на членарина на наши правни субјекти, одземање документација на синдикални организации од страна на директори поставени од Владата. Најгруби примери, дополни, е отказот на неколку синдикални лидери вклучувајќи го и претседателот на КСС од позицијата државен службеник, што само по себе праќа порака до членството за нивната моќ, напуштање и уништување на нашиот синдикат и избегнување на законските обврски“.

Одговарајќи на новинарски прашања Ралповски рече дека просечната плата во јавниот сектор изнесува околу 18.000 денари, а најдискриминари се наставници, професори, вработени во градинки, државни службеници.

За проблемите и барањата пред два месеца разговарале со премиерот Зоран Заев, но, укажа, нема подобрување на работите.

КСС повтори дека останува и на барањето за исплата на К-15 во јавниот сектор, но оти нема најава за почнување на преговорите за колективен договор во јавниот сектор и реализација на такво нешто.