Доколку Владата до 26 април не ги исполни барањата на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) за зголемување на бодот на 103 денари во бруто-износ, со што најниската плата во јавниот сектор би била околу 18.200, а би се задржал распонот меѓу другите плати, КСС најави оти ќе излегува на секојдневни протести.
Како што најавија денеска од Синдикатот, ќе се протестира секој ден од 26 април од 16 до 17 часот пред Собранието и Владата.
Според КСС, со овој проблем се засегнати околу 100 илјади работници во државата.
Претседателот на КСС, Благоја Ралповски, ги повика пратениците да не го гласаат Законот за административни службеници, кој денеска е на дневен ред, затоа што КСС смета дека се работи за манипулативен закон со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор за околу 100 до 200 денари.
Секој пратеник што ќе го гласа законот, како што рекоа, ќе сметаат дека е против работниците. Воедно, за КСС е неприфатлив предлогот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за линеарно зголемување на сите плати за 2.806 денари во нето-износ.
За ова барање, пак, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ќе излезе на првомајски протести, симболично со Меѓународниот ден на трудот.