Од петок, 18-ти овој месец, маркетите, аптеките и продавниците за техника и мебел ќе бидат обврзани да ги објавуваат цените на своите производи на официјални веб-страници. Оваа обврска произлегува од измените на Законот за заштита на потрошувачи, кои влегуваат во сила после објавувањето на законските измени во Службен весник на 4-ти март. Министерството за економија заедно со усвојувањето на измените, изготви Правилник за начинот на објавување на цените и податоците кои треба да се објавуваат од страна на малите, средни и големи трговци.

Според Правилникот, сите трговци кои вршат дејност трговија на мало ќе треба јасно и на лесно достапен начин да ги прикажуваат цените на своите производи на посебен дел од својата веб-страница, кој ќе биде посветен на ценовникот. Цените на производите ќе треба да бидат достапни без потреба од регистрација или логирање на веб-страницата.

Објавените информации треба да ги вклучуваат тековните продажни цени, единечните цени, промотивни или попустни цени, и за секој продажен објект ќе се наведуваат податоци како што се редовната цена, износот на попустот, и времетраењето на промоцијата или попустот. Цените ќе треба да се ажурираат на дневна основа, најдоцна до 10:00 часот секој работен ден. Во случај на техничка грешка при ажурирањето, трговците ќе мора да ја коригираат грешката во рок од 24 часа.

Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, изјави дека новите измени обезбедуваат поголема транспарентност и дозволуваат купувачите полесно да ги споредат цените и да донесат информирани одлуки. Овој модел за контрола на цените се применува во Израел, Италија и Хрватска.

„Ова ќе им овозможи на потрошувачите да изберат каде ќе купуваат, а со тоа ќе ја зголеми конкурентноста на пазарот“, истакна Ристески.

Тој нагласи дека измените воведуваат и поригорозни казни за трговците кои не ги почитуваат новите правила. Покрај паричните казни од 500 до 10.000 евра, како санкција може да биде воведено и затворање на маркетите за 15 дена. Дополнително, Комисијата за заштита на конкуренцијата активно контролира договорите помеѓу добавувачите и трговците, а новата мерка за ограничување на бруто профитните маржи довела до намалување на цените на основните прехранбени производи и пијалаци за 3%.