Народната банка постојано работи на унапредување на ценовната транспарентност и на натамошно продлабочување на домашниот девизен пазар. Според вицегувернерката Емилија Нацевска, ефикасното спроведување на монетарната политика, покрај од мерките на Народната банка, во голем дел зависи и од функционалноста и натамошниот развој на домашните финансиски пазари, меѓу кои девизниот пазар има клучна улога.
– Народната банка продолжува со активностите за натамошно унапредување и развивање на домашниот девизен пазар и во таа смисла, искажуваме поддршка за иницијативите и активниот придонес на домашните банки. Во тој процес, нашата институција ја одржува активната соработка со сите релевантни банкарски здруженија, со деловните банки и со сите други чинители, заради натамошно унапредување и развивање на домашниот финансиски пазар – порача вицегувернерката Емилија Нацевска деновиве, во обраќање на 29. годишно собрание на Здружението на финансиски пазари – АЦИ, кое се одржа во Струга.
Според Нацевска, за задржување на професионализмот и за усогласување со најдобрите меѓународни практики, се разгледуваат можности за прифаќање на глобалниот кодекс за девизниот пазар (FX Global Code), не само во Народната банка туку и од банките.
– Очекувањата се дека АЦИ Македонија и Министерството за финансии ќе продолжат со активната соработка за примена на договорот ИСДА на домашните пазари, како можност за подобро интегрирање и достапност на деловните банки до странските финансиски пазари, во склоп на проектот финансиран од ЕБОР за приспособување на домашната правна рамка за деривати и реподоговори со меѓународната практика – порача Нацевска, дополнувајќи дека поволните движења на девизниот пазар, кои беа забележани минатата година, се резултат на нормализирањето на побарувачката на девизи од енергетскиот и од другите водечки корпоративни сектори, а значителен придонес има и натамошното зголемување на понудата на девизи од физичките лица, што е силен сигнал за доверба во домашната валута.
Како што појасни Нацевска, ваквите позитивни движења на девизниот пазар изминатата година придонесоа за релативно обемни интервенции на Народната банка за откуп на вишокот девизни средства од банкарскиот систем, кои беа близу до рекордните нивоа пред пандемијата.
-Поволните трендови на домашниот девизен пазар и на почетокот од тековната година поволно влијаат врз нивото на девизните резерви. Со тоа, според сите релевантни меѓународни одредници, показателите за адекватноста на девизните резерви се постојано во сигурна зона, гарантирајќи ја стабилноста на курсот на домашната валута- вели Нацевска.