Кувајт ќе воведе минимален данок од 15 отсто за мултинационалните компании, почнувајќи од 2025 година за да обезбеди пари за проширување на производната база на економијата, објави Министерството за финансии.

Малата земја во Персискиот Залив моментално го полни својот буџет првенствено со приходи од продажба на нафта, објави Н1 Хрватска. Минималниот данок од 15 проценти следи по иницијативата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за промени во глобалниот даночен систем што треба да ги затвори дупките во даночните закони и да обезбеди порамномерна распределба на даночните приходи.

Во средината на ноември, лани, Генералното собрание на ОН со големо мнозинство ја усвои декларацијата за соработка за оданочување, која предвидува почеток на преговорите во 2025 година. За декларацијата гласаа дури 125 земји, а против беа Австралија, Канада, Израел, Јапонија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Велика Британија, САД и Аргентина. Вкупно 46 земји беа воздржани, вклучително и сите членки на Европската Унија.

Неодлучноста на земјите, особено на членките на ЕУ, кои се воздржаа од гласањето, е „изненадувачка“ бидејќи регионот како целина е најголемиот губитник, со проценета изгубена сума од 176 милијарди долари, изјави извршниот директор на Мрежата за даночна правда, Алекс Кобам.