Изјавата на Изет Меџити дека Владата ќе вработи 2000 до 3000 партиски кадри на Меџити во државната администрација во најкус рок е скандал без преседан, обвини портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Oд СДСМ денеска реагираат на најавата на првиот вицепремиер Изет Меџити дека многу скоро, помеѓу две и три илјади лица ќе бидат вработени во државната администрација.

Кузеска рече дека таквата масовна партизација на администрацијата пред изборите е јасно договорена со Мицкоски.

„Ова е најголемата отворена најава за партизација на институциите во историјата. Станува збор за класичен партиски клиентелизам – вработување на партиски кадри, луѓе блиски до владејачките партии, без јасни критериуми и без гаранција за квалитет во јавните институции. Ова е истата практика што ја гледавме за време на режимот на Груевски – полнење на администрацијата со партиски послушници, додека компетентните луѓе остануваат без шанса. ВМРО-ДПМНЕ, која додека беше во опозиција жестоко зборуваше против партиските вработувања, сега молчи. Тие некогаш обвинуваа дека администрацијата е презаситена и дека треба да се прават реформи, но денес немаат проблем да ја наполнат со свои кадри. Нови четири министерства, по три заменици министри, и сега – нови 3000 луѓе во администрацијата.“ рече Кузеска.

Кузеска повика на реакција на институциите на таквите најави за партизирање и побара стопирање на сите моментални вработувања во јавната администрација, најавувајќи дека СДСМ ќе се спротивстави на обидите за партизација.

„Македонија не губи луѓе затоа што нема 3000 работни места во администрацијата, туку затоа што владее корупција, партиски клиентелизам и недостаток на еднакви шанси. Оние што не припаѓаат на владејачките партии остануваат без можности, а професионалците заминуваат затоа што во оваа држава не се вреднува знаењето, туку партиската лојалност. СДСМ ќе се спротивстави на оваа политика и ќе ја брани праведноста и транспарентноста во институциите. Граѓаните заслужуваат држава во која секој ќе има еднаква можност, а не држава во која работните места се распределуваат според партиски списоци“ порача Кузеска.