„Најтешкиот и најлошиот дел“ во однос на инфлацијата веројатно е завршен и каматните стапки ќе бидат намалени доколку ЕЦБ е уверена дека инфлацијата паднала на ниво од 2%.
Ова го изјави претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, цитирана од „Reuters“.
„Мислам дека најтешкиот дел е зад нас“, рече Лагард за битката со инфлацијата, додавајќи дека верува оти каматните стапки го достигнале својот историски максимум.
„Верувам дека каматните стапки, доколку нема дополнителни шокови или неочекувани податоци, нема да продолжат да растат. Ако ја добиеме битката со инфлацијата и ако сме сигурни дека таа навистина ќе биде 2%, тогаш каматните стапки ќе почнат да се намалуваат“, додаде Лагард во интервју за „France 2“.
На прашањето дали 2024-та година ќе се намали каматните стапки, Лагард рече:
„Како претседател на Европската централна банка, не можам да ви дадам датум“.
ЕЦБ гледа дека инфлацијата лебди во опсегот од 2,5% до 3% во поголемиот дел од оваа година, а креаторите на политиката рекоа дека секој разговор за намалување на стапките пред клучните податоци за платите во првиот квартал што треба да бидат претставени во мај, би било прерано.
Инвеститорите предвидуваа најмалку пет намалувања на стапките во 2024-та година, при што првото ќе дојде во март или април, временска рамка што неколку креатори на политики на ЕЦБ ја нарекоа прекумерна со оглед на тековните ценовни притисоци.
Инфлацијата во еврозоната се зголеми на 2,9% во декември од 2,4% во ноември – Лагард рече дека гледа дека инфлацијата во еврозоната паѓа на 1,9% во 2025-та година.
Таа ја омаловажи загриженоста дека транспортните проблеми на Суецкиот и Панамскиот канал би можеле да доведат до повисоки цени, велејќи дека тие ситуации се „повеќе или помалку под контрола“.
Лагард додаде дека реизборот на Доналд Трамп за претседател на САД ќе го смета за „закана“ за Европа.
„Ако земеме лекција од историјата, со оглед на начинот на кој Трамп ги спроведе првите четири години од неговиот мандат, ова е очигледно закана“, коментира Лагард.
„Треба само да ги погледнете трговските царини, да ја погледнете неговата посветеност на НАТО, во борбата против климатските промени“, додаде таа.
Запрашана дали евентуалното ново претседателство на Трамп би можело да ја остави Европа сама во поддршката на Украина, Лагард рече дека тоа е малку веројатно „бидејќи има голем број избрани членови во американскиот Конгрес кои се непријателски настроени кон ужасната војна на Русија против Украина и кои ќе продолжат да финансираат и поддржуваат Украина“.
Лагард, која беше министерка во француската влада пред да стане шеф на ММФ во 2011-та година, а потоа и претседател на ЕЦБ, ги отфрли гласините дека може да ја напушти ЕЦБ пред да и заврши осумгодишниот мандат во 2027-ма година за да се врати во политиката.
Поради гласините дека била поканета да ѝ се придружи на реконструираната француска влада како министер за надворешни работи, таа рече дека нема да ја напушти ЕЦБ додека таа сѐ уште е во средината на нејзината битка со инфлацијата, „дури и ако стане кралица на Прусија“.