Економскиот раст во еврозоната би можел да ослабне следните месеци, а во наредните години би можел да биде притиснат од „зголемените“ геополитички ризици и заканите за меѓународната трговија, изјави во средата претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ),Кристин Лагард на парламентарното сослушување.

Економијата на еврозоната практично стагнира во последните 18 месеци, а во такви услови се намали и инфлацијата. Европската централна банка (ЕЦБ) сега стравува дека економскиот раст е толку слаб што инфлацијата би можела да се лизне под целта од два отсто, како во годините пред пандемијата.

Активноста се зголеми за 0,4 отсто во третиот квартал во однос на претходните три месеца, делумно благодарение на еднократните фактори како што се Олимписките игри во Париз, смета Лагард.

„Сепак, податоците од истражувањето покажуваат дека растот ќе биде послаб на краток рок поради забавување на активноста во услужниот сектор и континуиран пад во индустријата“, рече Лагард на сослушувањето пред Комитетот за економски и монетарни прашања на Европскиот парламент.

„Среднорочните изгледи за економијата се неизвесни, а преовладуваат негативните ризици“ кои би можеле да го забават растот“, додаде Лагард, издвојувајќи ги засилените геополитички тензии и заканите за меѓународната трговија.

Бидејќи еврозоната е отворена економија, бариерите за трговија го загрозуваат производството и инвестициите, предупреди челничката на ЕЦБ.

Активноста би можела да закрепне до одреден степен, со поддршка на повисоки инвестиции и лична потрошувачка, врз основа на повисоки реални приходи на домаќинствата.

„Инфлацијата во еврозоната моментално е малку над целта од два отсто и би можела да зајакне во последниот квартал од оваа година, по што би требало да се врати на целното ниво во 2025 година“, рече Лагард, потврдувајќи ги септемвриските проекции на ECB.

Во септември, банката процени дека инфлацијата треба да изнесува 2,5 проценти оваа година и да се лизне на 2,2 проценти во 2025 година. Според нивните пресметки, растот на цените треба да забави до 1,9 проценти во 2026 година.

Годинава, според нивните пресметки од почетокот на есента, економијата на еврозоната би требало да порасне за 0,8 отсто и благо да забрза во 2025 и 2026 година, на 1,3 односно 1,5 отсто.

Лагард: Растот на еврозоната може да ослабне