Европската централна банка (ЕЦБ) ќе ги разгледа упатствата за монетарната политика на следната редовна седница со цел да се зачуваат поволните услови за финансирање во економијата во еврозоната, најави претседателката на банката, Кристин Лагард.

Минатата недела, ЕЦБ ја зголеми целта на инфлацијата на среден рок на два проценти, што укажува дека во периоди на послаб економски раст, накратко може да толерира повисоки стапки на инфлација.

Таа порака треба да сигнализира дека централната финансиска институција на еврозоната нема премногу да ја заостри монетарната политика, иако цените може да растат со побрзо темпо од предвиденото во наредниот период.

Лагард посочи дека јулската сесија на ЕЦБ „ќе донесе интересни промени“.

„Ние мора да ги добиеме посакуваните резултати на долг рок, со цел да покажеме дека ќе ги исполниме преземените обврски, па сегашните упатства сигурно ќе бидат разгледани“, истакна претседателот на ЕЦБ на крајот од состанокот на претставниците на Г20 во Венеција.

И сегашните упатства на ЕЦБ велат дека банката ќе купува обврзници онолку колку што е потребно и ќе ги задржи основните каматни стапки на сегашно, рекордно ниско ниво, сè додека изгледите за инфлацијата „значително не се приближат“ до целта.

Лагард не прецизираше како би се промениле, велејќи само дека целта на ЕЦБ е да обезбеди поволни услови за кредитирање. „Проценувам дека ќе продолжиме решително да ги одржуваме поволните услови за финансирање во нашата економија“, изјави за телевизијата Блумберг.

Таа додаде дека сега не е време да се разговара за намалување на монетарната поддршка.

Програмата за откуп на кризните обврзници (ПЕПП), вредна 1,850 милијарди евра, ќе остане на сила најмалку до март 2022 година, по што може да добие „нов формат“, нагласи претседателот на ЕЦБ во едно интервју.