ПАРИЗ (Ројтерс) – Франција е подготвена да оди во Светската трговска организација за да ја оспори заканата од американскиот претседател Доналд Трамп да стави царини за шампањ и други француски производи како одговор на францускиот данок на интернет компаниите, изјави во неделата нејзиниот министер за финансии.
„Ние сме подготвени да го однесеме ова на меѓународен суд, особено СТО, затоа што националниот данок на дигиталните компании ги допира американските компании на ист начин како ЕУ или француските компании или кинеските. Не е дискриминаторски“, рече министерот за финансии Бруно Ле Маир за Телевизија Франција 3.
Париз долго време се жали на американските дигитални компании кои не плаќаат доволно данок на приходите заработени во Франција.
Во јули, француската влада реши да примени данок од 3% од приходите од дигитални услуги заработени во Франција од фирми со повеќе од 25 милиони евра француски приход и 750 милиони евра (845 милиони американски долари) ширум светот.
Тоа треба да започне ретроактивно со почетокот на 2019 година.
Вашингтон се заканува дека ќе се одмазди со тешки давачки на увозот на француски шампањ, сирења и луксузни чанти, но Франција и Европската унија велат дека се подготвени да се одмаздат за возврат ако Трамп ја изврши заканата.
Ле Маир изјави дека Франција е подготвена да разговара за глобалниот дигитален данок со Соединетите држави во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), но дека таквиот данок не може да биде по избор за интернет-компаниите.
„Ако има договор во ОЕЦД, тоа е подобро, тогаш конечно ќе имаме глобален дигитален данок. Ако нема договор на ниво на ОЕЦД, ние ќе ги започнеме разговорите на ниво на ЕУ“, рече Ле Маир.
Тој додаде дека новиот комесар за економија на ЕУ, Паоло Џентилони веќе предложил да се започнат ваквите разговори.
Франција продолжи со својот дигитален данок, откако земјите-членки на ЕУ, под претходно извршениот притисок од Европската комисија, не успеаа да се договорат за данокот да важи за целиот блок, по противењето од Ирска, Данска, Шведска и Финска.
Новата Европска комисија ја презеде должноста на 1 декември.