На новите рекламни флаери се објавени само акции на безалкохолни, алкохолни, хигиенски и хемиски производи, а процентот на намалување во зависност од брендовите се движи од 15 до 39 отсто. Владината одлука пропишува цените што се намалени поради истекување на рокот, да не се сметаат за акциска продажба
Од утрово трговците тргнаа во „офанзивно“ менување на цените и ставање на етикетите „гарантирана цена“. Тие веќе се поставени во дел од поголемите маркети, а кај останатите работата е во тек. Според информациите на „Слободен печат“, голем дел од производителите и дистрибутерите во текот на ноќта ги испратиле новите ценовници, кои потоа биле внесени во системите, но во кај повеќето маркети цените на рафтовите „не беа гарантирани“.
Од она што можеше да се види, пекарите први ја испочитувале владината одлука, па така цената на белиот и на полубелиот леб од 500 грама, сечен и на парчиња, кој до вторникот чинеше 31, односно 33 денари, е намалена за три до четири денари и сега се продава за 28 и 29 денари.
Дел од трговските синџири за исто толку пари ги намалија цените и на пекарските производи, кои ги печат и ги продаваат, но цената на бурекот во приватните пекари не беше намалена, а нови цени немаа ниту другите најчесто продавани производи.
Во дел од маркетите се намалени цените и на увозните италијански тестенини за 5 до 8 денари, едни од најпродаваните словенечки паштети сега добија гарантирана цена од 47 денари, а претходно чинеа 55, домашното млеко се продава за 60 денари за литар (претходно 68 денари), додека увозното босанско за 57 денари (претходно 72 денари). Според она што го видевме во ценовниците, кај кравјиот кашкавал има поевтинување од 30 до 50 денари од килограм, а исто толкаво намалување има и кај саламите увозни и домашни. Цените на јогуртот се движат од 65 до 105 денари, киселото млеко во зависност од производителот од денес се продава по цена од 22 денари па нагоре, пакување од 10 јајца се продаваат по цена од 62 денари. Поевтинија и дел од сувомесните производи, иако незначително.
На новите рекламни флаери се објавени само акции на безалкохолни, алкохолни, хигиенски и хемиски производи, а процентот на намалување во зависност од брендовите се движи од 15 до 39 отсто. Владината одлука пропишува цените во трговијата на мало, коишто се намалуваат поради истекување на рокот на земјоделските и прехранбените производи, да не се сметаат за акциска продажба.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера го објави списокот на прехранбени производи чија цена се замрзнува на 1 август и дополнително се намалува за десет проценти и оваа одлука ќе трае до 30 ноември.
Списокот во наредниот период најверојатно ќе се проширува со безалкохолните пијалаци, а со актуелните намалувања, тој прогнозираше дека инфлацијата во делот на храната би паднала за 4 до 5 отсто до крајот на годинава. Тој ги опомена трговците, увозниците и дистрибутерите да ја почитуваат владината одлука, оти пазарните инспектори веднаш ќе почнат со контролите.