По 25 години Бенетон ја затвори производствената фабрика во Осиек, оставајќи 260 работници без работа. Овој потег доаѓа по ветувањето од пред две години дека ќе се отворат 300 нови работни места, што беше поддржано од градот Осиек, но очигледно не е исполнето. Заминувањето на Бенетон од хрватскиот пазар е само дел од пошироката слика за падот на овој поранешен гигант, пишува денеска хрватски Индекс.
Бенетон веќе подолго време се соочува со проблеми.
На почетокот на 2023 година, според информациите на Corriere della Sera, групата објави затворање на дури 419 продавници ширум светот до крајот на 2025 година, од кои 180 се веќе затворени Од 2013 до 2023 година, Бенетон претрпе загуби од 1 , 6 милијарди евра, додека нејзината компанија мајка Едизионе и помогна со 800 милиони евра.
Бенетон ги постави своите корени во 1965 година во Белуно, северна Италија, кога Лучијано Бенетон, заедно со неговите браќа и сестри, ја отвори првата продавница. Брендот стана глобално препознатлив благодарение на шарените џемпери „United Colors of Benetton“ и го достигна својот врв на популарност во текот на 1980-тите и 1990-тите.
Бенетон стана познат не само по своите производи, туку и по провокативните реклами што ги создаде со фотографот Оливие Тоскани, кој почина на почетокот на оваа година.
Сепак, падот на Бенетон започна со појавата на брзи модни брендови како Зара и H&M. Бенетон не успеа да се прилагоди на промените на пазарот и беше прескап за да се натпреварува со побрзи и поевтини брендови. Додека конкурентите го забрзуваа производството и го преместуваа производството во Азија, Бенетон инсистираше на одржување одредено производство во Европа, што доведе до повисоки трошоци.
Иако Бенетон се обиде да се врати со старите рекламни кампањи, новите реклами станаа бесмислени, а компанијата заостана зад конкуренцијата. Проблемот беше и во моделот на франшиза, кој не дозволуваше доволно флексибилност за брзо реагирање на промените на пазарот, за разлика од брендовите како Zara и H&M кои имаа директен надзор над сите аспекти на бизнисот.
Борбата на Бенетон со генерациските промени и воведувањето на надворешни менаџери, како и подемот на конкурентите кои во голема мера ја совладале технологијата за следење на продажбата, дополнително ги комплицираа деловните операции. Иако некогаш беше симбол на модерен и колоритен бренд, Бенетон сега се бори да опстане во свет кој брзо се менува, каде што адаптацијата е клучот за опстанок.