После промена на сопственичката структура во ЕУРОНИКЕЛ ИНДУСТРИ вработените кои со години работеа во оваа фабрика се оставени на егзистенцијален раб. Менаџментот на фабриката одлучи на работниците да им понуди нови договори со минимални плати, под закана доколку не прифатат ќе бидат заменети со работници од други држави, велат од Левица.
„Девастирањето и експлоатацијата на трудот на работникот не е ништо ново кога станува збор за странски инвеститори кои единствена цел имаат да направат профит и истиот да го изнесат надвор од државата! Не ретко се случува „странските инвеститори” да се домашни државјани кои со нелегални пари преку оф шор компании наводно инвестираат во Македонија.
Да се потсетиме дека гигантот ФЕНИ во 70- тите години од минатиот век е изграден од работниците, со народни средства и бил во сопственост на државата! Поради неспособноста и алчноста на политичарите, оваа државна компанија неколку пати е доведена во стечај по што „го спасуваа” приватни компании.
Сегашната судбина на ФЕНИ е оставена во рацете на Турски конзорциум Јилдерим кој преку друга Холандска компанија го купува од Комерицијална банка за само 40 милиони евра.
Пред официјалната продажба на ФЕНИ, Левица многу пати апелираше до Владата да издвои средства и да го купи овој симбол на солидарноста со цел да остане во државна сопственост од каде државата ќе има лично профит. Но, наместо државна интервенција, Владата ги остави сите 740 вработени во потчинета положба на странските капиталисти кои по принципот „земи или остави” ги принудува вработените да работат за минималец, а доколку одбијат ќе бидат заменети со други странски работници.
Иако видовме многу случаи каде Македонија не им е крајна цел на странските работници, не смееме да дозволиме ваков однос на инвеститорите со нашите граѓани. Поданичкиот менталитет на досегашните влади секогаш во привилегирана положба ги поставува странските инвеститори (пред македонските работници), кои всушност не инвестираат ништо во Македонија туку остваруваат енормни профити на грбот на работниците. потпомогнати со субвенциите од државата.
Левица дава недвосмислена поддршка на работниците во ФЕНИ и со оглед дека се залудни апелите до Владата, како партија ќе поднесеме иницијативи до сите релевантни институции со цел да се прекине изживувањето врз работниците“, се вели во соопштението на Левица.