Според најновите податоци, Македонија е втора во регионот по највисока инфлација од 4,9%, што значително ја надминува просечната инфлација во еврозоната (2,5%), се наведува во денешното соопштение од опозициската Левица.
Во текстот меѓу другото се наведува:
„Додека соседни земји како Грција (2,7%), Словенија (2,0%) и Албанија (1,9%) имаат релативно стабилни цени, Македонија се соочува со инфлациска стапка која е двојно повисока од онаа на еврозоната. Ова покажува дека надворешните фактори не можат да бидат изговор, туку дека проблемот лежи во лошите административни решенија, катастрофалната кадровска политика, корупцијата, непотизмот и поразителните внатрешни економски политики.
Македонија останува зависна од увозот на храна и енергенси, што ја прави ранлива на надворешни шокови.
Денес повеќе од секогаш е очигледна потребата од алтернативен економски модел!
Единствениот излез од овој кризен тренд е радикална промена во економската стратегија поради што Левица се залага за:
– Државна контрола, односно реално влијание врз стратешките сектори (енергија, храна, транспорт);
– Директна поддршка за домашното индустриско производство, земјоделие и сточарство;
– Регулација на трговските маржи за основните производи за широка потрошувачка;
– Оданочување на големите профити на корпорациите кои ги експлоатираат граѓаните;
– Праведна и рамноправна деловна околина каде што сите чинители би имале еднаков прстап до информации, финансии, инвестиции, но и владини и државни услуги.
Време е за нов економски модел кој ќе ја стави државата во функција на граѓаните, а не на капиталот. Левица е подготвена да го предводи тој процес и да ја врати контролата врз економијата во рацете на народот.