Лицата кои навршиле 65 години, а немаат 15 години стаж поради тоа што не им биле платени дел од придонесите, ќе може да ги откупат години стаж што им фалат за да може да се стекнат со старосна пензија. Ова го предвидува Предлог-законското решение кое е на дневен ред на денешната собраниска седница.
Предлогот е поднесен од група пратеници од ДУИ, а како што појасни еден од предлагачите Реџаиљ Исмаили, иницијативата произлегува од барањата на граѓаните кои години наназад се соочуваат со ваков проблем.
„Како резултат на барањата на многу граѓани, констатиравме дека ова прашање треба да се изготви како закон, рече Исмаили.
Пратениците од опозицијата се изјаснија дека ќе дадат поддршка на предлог-законот и оценија дека се работи за продолжување на законското решение што ВМРО-ДПМНЕ го донела во 2015 година. Најавија амандмани во второто читање со цел да се подобри законското решение.
Дел од нив имаа забелешка на периодот во кој се поднесува законот и сметаат дека се работи за предизборен закон за купување на гласови.
Според Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ, законот ќе предизвика финансиски импликации, на што реагираше Исмаили кој ги негираше ваквите тврдења со образожение дека со откупот на стажот ќе се слеат средства во Фондот на ПИОМ. Во однос на времето кога се поднесува законот, Исмаили појасни дека сега се предлага законот за да има континуитет по носењето на законот за стечајни работници.