Се воведува ред и се официјализира потребната помош на земјоделците за изготовка и насоки при аплицирање за средствата за ИПАРД програмите. Имено, во тек е иницијатива со која во иднина земјоделците ќе можат да се обратат до официјално и лиценцирано лице за асистенција при изготовката на предлозите за финансиска помош.
Земјоделците можат сами да ги подготвуваат бизнис плановите и потребната документација за аплицирањето за ИПАРД средствата. Тие можат да побараат и бесплатна услуга од советниците на советодавната агенција или пак за одредена парична надокнада да ангажираат консултант.
Со законот кој е во подготвка, платежната агенција предвидува консултанти за ИПАРД да може да бидат само оние кои ќе имаат лиценца која ќе ја издава комората што ќе треба да ја формираат новите лиценцираните консултанти.
Земјоделците и стопанствата покажуваат се поголем интерес за користење на европските предпристапни фондови, па целта е за полесно аплицирање да добиваат квалитетни консултантски услуги.
Со оваа новина се очекува да се зголеми и бројот на прифатливи апликации со поголемо користење на ИПАРД фондовите за модернизација и осовременување на македонското земјоделство.