Трговскиот синџир „Лидл“ купи имот на „Скопски пазар“ АД Скопје во Општина Гази Баба кај локацијата на поранешен „Бриколаж“ за 9.564.485 евра.
За зделката информира „Скопски пазар“ согласно Глава 6 од Правилата за котација на Берзата.
Како предмет на големата зделка е наведена продажба на недвижен имот евидентиран на КП 1306/1 и КП 1306/2 КО Гази Баба и соодветно запишани на имотен лист 8882 КО Гази Баба и имотен лист 1077 КО Гази Баба. Вредноста на зделката е во апсолутен износ од 9.564.485 евра без вклучен ДДВ (или 588.911.166 денари без вклучен ДДВ), а релативен износ од 19,30 проценти во однос на вредноста на имотот на друштвото, односно 25,04 проценти од вредноста на капиталот и резервите на друштвото определени врз основа на последните финансиски извештаи на друштвото.
„Лидл“ стартуваше со инвестиција во државава на 24 јануари годинава со изградба на логистичко-дистрибутивен центар во индустриската зона „Речица“. Најавената инвестиција за логистичкиот центар е 80 милиони евра и треба да отвори повеќе од 150 работни места.