Кинескиот вицепремиер смета дека унилатералниот пристап кон трговијата и економијата не нудат решенија за проблемите
Нема да има победник во американско-кинеската трговска војна, рече кинескиот заменик-премиер Лиу за време на економската конференција во Хамбург, додавајќи дека протекционистичкиот и унилатералниот пристап кон трговијата само ќе ја продлабочи економската несигурност.
“Ние веруваме дека протекционистичкиот и унилатералниот пристап не нуди решенија за трговските проблеми, токму спротивното, тоа само доведува до поголема економска несигурност во светот”, рече Лиу.
Според него, историјата на економскиот развој докажа дека зголемените царини само ќе доведат до економска рецесија и никој досега не се појавил како победник од трговска војна.
Поради оваа причина, нашиот пристап е да се најде решение во преговорите за проблемите што ги имаме, врз основа на еднаквост и взаемно почитување “, додаде тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот кинески колега, Кси Џинпин, се очекува да разговараат за трговските прашања за време на самитот на Г20 во Буенос Аирес на крајот од оваа недела.
Во интервју за The Wall Street Journal, Трамп изјави дека е “многу малку веројатно” да прифати било какво барање за одложување на порастот на царинските стапки, што треба да стапи на сила на 1 јануари 2019 година.
Кинескиот извоз досега не се намали, но многу економисти очекуваат влијанието на трговската војна со САД да се почувствува следната година и тоа ќе стане дополнителен проблем за економијата на земјата.