Собранието на учесници во консолидацијата на земјоделско земјиште од село Логоварди (Општина Битола) со мнозинство гласови од сопствениците го усвои Планот за распределба на земјоделското земјиште во Логоварди. По Егри и Трн (исто така во Општина Битола) и Дабјани (Општина Долнени), ова е четвртиот усвоен план за консолидација на земјоделско земјиште во државата по принципот на распределба со промена на границите, во рамките на проектот финансиран од Европската унија МАИНЛАНД, кој е ко-финансиран од Организацијата за храна и земјоделство при Обединети нации (ФАО) и се спроведува во тесна соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Консолидацијата во Логоварди опфаќа 399 хектари (ха) земјоделско земјиште и 388 сопственици. Со усвоениот план за распределба на земјиштето, бројот на парцели во Логоварди се намалува за повеќе од два пати – од 789 на 364 парцели со просечна големина од 1,1 ха (споредено со 0,5 ха пред консолидацијата). Новоформираните парцели имаат правилна форма и подобар пристап до земјоделската инфраструктура, што овозможува поефикасно и поконкурентрно земјоделско производство.
„Благодарение на проектот МАИНЛАНД, конечно нашето земјоделско земјиште ќе биде подобро организирано за попродуктивно производство”, изјави земјоделецот Драги Џумковски од село Логоварди. Според него, со расцепканите и ситни парцели било скоро невозможно да се биде продуктивен и конкурентен. Со усвоениот план за распределба, неговите 13 земјишни парцели расфрлани на далечни локации низ полето ќе бидат консолидирани во три големи парцели со правилна форма, со подобар пристап до земјоделската инфраструктура и просечна големина од 2,2 ха (наспроти 0,5 ха просечна големина пред консолидацијата). Ова ќе овозможи поголема ефикасност, како и можности за модернизација и окрупнување на земјоделското производство.
Врз основа на усвоениот План за распределба на земјиштето во Логоварди, во наредните неколку месеци проектот МАИНЛАНД ќе ја поддржи регистрацијата на ново-формираните парцели во Катастарот на недвижности, како и нивното обележување на терен.
Проектот “Воведување на Национална Програма за консолидација на земјиште” (МАИНЛАНД) e финансиран од Европската Унија и ко-финансиран од Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации (ФАО). Проектот го имплементира ФАО за да го поддржи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во спроведување на Националната стратегија за консолидација на земјиште. Буџетот на проектот изнесува 2.86 милиони евра (финансиран од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (2.5 милиони евра) и придонес на ФАО (0.36 милиони евра). Истиот се спроведува во времетраење од 68 месеци, почнувајќи од март 2017 до ноември 2022 година.
Главната цел на проектот е да се реши проблемот со расцепканоста на земјоделското земјиште со цел да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси.