Во услови на постојано зголемување на трошоците за живот, граѓаните се соочуваат со сериозен притисок врз нивниот стандард.
Според последните статистички податоци, инфлацијата продолжува да ги зголемува цените, особено на храната, што дополнително го отежнува секојдневието на домаќинствата.
Во јули, трошоците за живот на годишно ниво пораснале за 3%, додека малопродажните цени се зголемиле за 3.9%.
Оваа тенденција на раст на цените, која е евидентна и на месечно ниво со инфлација од 0.7% и зголемување на малопродажните цени за 1.5%, предизвикува загриженост кај граѓаните кои изразуваат чувство на несигурност поради стагнирањето на платите.
Експертите предупредуваат дека оваа ситуација може да резултира со егзодус на работната сила, особено ако платите не почнат да се прилагодуваат на зголемените животни трошоци.
„За да се задржи работната сила и да се избегне нејзиното иселување во потрага по подобри услови, есенцијално е платите во јавниот и приватниот сектор да почнат да растат. Ова не само што ќе помогне во спречувањето на егзодусот, туку и ќе придонесе кон подобрување на општествената стабилност и економскиот раст“, коменитаат економистите.
Со оглед на оваа состојба, се поставува прашањето која е крајната точка на издржливост на македонскиот народ без да му биде покачена платата за којашто работи?
Граѓаните се почесто соочуваат со дилемата дали да потрошат повеќе за основни потреби или да заштедат, што дополнително ги комплицира нивните финансиски одлуки.
Според пресметките, една третина од парите или 22.008 денари одат за храна и пијалаци, потоа за режиски трошоци со 6.014 денари, образование 7.022, облека и обувки 4.979 денари, а најмалку пари се одвојуваат за ставката здравје 1.135 денари.
Се очекува во најскоро време Владата и приватниот сектор да преземат мерки за подобрување на стандардот на платите во земјава, со цел да се обезбеди економска сигурност за граѓаните и да се избегне потенцијалната криза на работната сила.