Македонија е лидер во регионот по раст на цената на метар квадратен. Минатата година недвижносите во нашата држава поскапеле за неверојатни 20.6 %. Веднаш зад нас е Албанија – над 17,5 %,Бугарија под 10, Србија 6,5, Хрватска 3,5 отсто. Цените во Скопје, поточно во центарот на градот се вивнаа од 2000 до 2500 евра квадрат па дури и во некои од огласите сумите достигнуваат до 3000 евра. Од сојузот на Стопански комори за Сител велат дека овие цени не го следат порастот на платите, а згора на тоа каматите на кредитите растат, така што интерес за купување имаат само тие што претходно заработиле пари.
„Секогаш ми претставувало нелогичност и според сите анализи кои ги иамме направено заклучуваме дека станува збор за моментален раст, како реакција на шоковите кои ги имавме изминативе години. Но реално условите нема да дозволат ваква дискрепанца помеѓу платите и можноста да се купи стан. Можеби некој кој работел во странство, се враќа и има пари да си купи стан, но со вакви цени, ова е неодржливо за наш стандард“, изјави Трајан Ангелоски, претседател на Сојуз на Стопански Комори.
Причина за ваквиот пораст на цените, според некои анализи е што од 2020та сме во формални преговори за влез во Унијата, па стануваме интересно место за инвестирање.
Но кај нас нема ниту странци, ниту толкава куповна моќ за граѓаните да си дозволат вакви цени, вели Ангелоски. Затоа очекува стабилизација следниот период.
„Можеби цените ќе останат на ова нови, но ќе се сменат условите. Другите трошоци, на работна сила, на метријали, ќе почнат да растат, и ќе дојдеме до една логична пазарна следственост на цените. Да видиме и во кој правец ќе одат даноците за становите, но и можностите за инвестирање во други извори“, додава Ангелоски.
Инаку според податоците на Народната банка, минатата година, во првиот квартал становите поскапеле за скоро 19%, по што следи тренд на опаѓање и последниот квартал растотот изнесувал 7 отсто.
Последниот Попис покажа дека од вкупно 839.000 станови, 63,4 проценти биле населени. Од 243.000 станови во Скопје, попишувачите запишаа дека 70.000 зјаат празни. Овие статистики не одат во прилог на тврдењата на градежниците дека не може да се постигне да се задоволи побарувачката.
Доколку продолжи, нереалното билдање на цените на становите може да ја доведе во опасност финансиската стабилност на државата.