Запрашана дали постои простор за размислување за поамбициозни проекти кои би исцрпиле многу пари во овој критичен период од 2 до 3 месеци, со цел побезболно да се преброди кризата, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, во вечерашното интервју во емисијата “Вин-вин” на Телма телевизија со следниот став:
“Ги слушавме внимателно барањата и на коморите, а го земавме предвид и она што е реална слика со буџетот. Не знам колку во овој период имаме можност да калкулираме со похрабри одлуки од она кое сега се случува. Ние навистина добивме соодветна помош, очекуваме и дополнителна помош од Светската банка и тоа ќе биде една инјекција плус која што ќе овозможи успешно спроведување на овие мерки за 14 500 денари и работодавачите коишто ќе сакаат да ја користат оваа помош. Размислувањето ни оди во насока на тоа да се намали периодот на враќање на повратот, законот кажува 30 дена, но и во мирнодопски услови кога сме биле без вакви кризни мерки ние сме го враќале предвереме повратот што е доста добар сигнал дека функционирал буџетот во тој период затоа и сега немаме поголеми потреси уште на самиот почеток. Најбитниот момент што не смееме да го изоставиме за да зборуваме за добра наплата во овој период е тоа што не спроведуваме присилна наплата, тоа овозможува едно летаргично однесување во делот на долговите што ги имале фирмите и тие го знаат тој момент и сега ако некој има долг и за ДДВ и за добивка, тој ќе рече нема да ме блокира мене УЈП, јас нема ни да го платам ова. Меѓутоа како ние ќе го покриеме тој долг, мора да се бараат и некои други механизми и модификации со цел да се избалансира целиот овој процес” – истакна Лукаревска.
Во продолжение, директорката на УЈП, Лукаревска, се осврна на фактот дека институцијата после оваа криза ќе има огромна работа со цел да провери дали мерките биле предмет на злоупотреба од одредени субјекти, со оглед на фактот дека во моментов им е овоможено едно поудобно функционирање на компаниите.
“Да не заборавиме дека во овој период не спроведуваме надворешни контроли, овоможено е едно поудобно функционирање на компаниите. Иако после спроведувањето на овие кризни мерки и уредби УЈП ќе има огромна работа да провери дали овие мерки биле злоупотребени. Нас не нема на терен за да видиме дали сите оние што доставуваат нарачки даваат фискални сметки при својата достава или не. Јас знам дека кај еден дел достави на гардероба и храна не се доставуваат сметки и тоа значи автоматски дека не се плаќа ни данок” – заклучи Лукаревска.