Првиот предлог Буџет за 2025 година на актуелната власт на ДПМНЕ е расипнички, недомаќински и наместо за граѓаните направен е само за задоволување на власта. Буџетот е тежок 6,5 милијарди евра, толку планира власта да земе од граѓаните и да потроши. Но, наместо за поголеми плати на работниците, повисок животен стандард на граѓаните, образование, здравство, власта ги зголемува трошоците за службени возила и луксуз за дури 75%. За купување мебел власта предвидува 5 пати повеќе пари во исто време кога ги зголемува глобите и административните такси за нови 11 милиони евра. Владата предвидува зголемување и на непродуктивните трошоци за стоки и услуги а во истиот момент ги крати капиталните расходи во клучни сектори како образованието и здравството, рече денеска пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска.

Според неа, „парите за чист воздух, намалени за дури 51% а парите за заштитна на животна средина за 25%. Тоа значи дека актуелната власт нема намера да преземе ништо додека граѓаните се гушат. Расипничкото однесување се случува во услови на високо ниво на јавниот долг кој со новите долгови ќе ја надмине границата од историски највисоко ниво на јавен долг од 70,8%. Намалени се и парите за поддршка на домашните компании од 340 на само 220 милиони денари. Истовремено парите за поддршка на странски компании се зголемени“.

„Оваа политика на запоставување на домашните компании и фаворизирање на странските ги става македонските работници во подредена позиција, води кон економска нееднаквост и ниски плати. Дополнително, во Буџетот ги нема ниту најавените 250 милиони евра за општините. Парите за земјоделството се намалени за 15,7% а програмата за рурален развој се намалува за 10 пати. Руралната програма е многу важна за младите земјоделци, за набавка на стока, нова механизација, но и за инвестиции во проекти на општините“ смета Лукаревска.

Таа напомена дека „СДСМ како одговорна опозиција со поднесување на над 200 амандмани се бори за граѓаните и подобрување на Буџетот за се обезбедат економски раст, поголеми плати и подобар животен стандард. Бараме зголемување на платите во секторите каде вработените се од витално значење за услугите на граѓаните, како образованието, јавниот сектор, полицијата, пожарникарите. За вработените во Министерството за внатрешни работи бараме покачување на платите за 20%, како и средства за набавка на современа технолошка опрема за зголемување на безбедноста на граѓаните“.