Од почетокот на следната недела се очекува првата исплата на пари за граѓаните кои скенираат фискални.

Од УЈП апелираат до граѓаните да проверат дали ги внеле точните бројки од својата трансакциска сметка или доколку воопшто не ја внеле, тоа да го сторат пред да започне исплатата.

Директорката Сања Лукаревска очекува голем број корисници да го добијат  максимумот поврат. За јули, август и септември, исплатата ќе биде во висина од 50 до 1 800 денари.

„Во моментов се подготвуваме, имаме уште неколку дена до почнување на декември. Во најскоро време, на почетокот на декември, би требало некаде за 10 до 15 дена да ги вратиме назад парите кај граѓаните. Со тоа што ќе добијат и претходно известување на меил согласно оние податоци кои ги имаат во Е-пдд, дека ќе им се изврши исплата. Очекуваме дека ќе има голем број на граѓани кои што го имаат остварено лимитот од 1 800 денари да им биде вратен назад во нивните џебови,“ вели Лукаревска.

Од УЈП тврдат дека мерката дава ефект. Издавањето на фискали и наплатата на ДДВ се зголемиле. Откако започна скенирањето на фискални казнети се повеќе од 100тина фирми за неиздавање фискална сметка.

„Генерално од месец во месец ДДВ-то расте. На пример ако земеме да споредуваме првото тромесечје оваа година јули, во споредба со јуки лани имаме покачување на ДДВ-то од 10,3%. Таа тенденција продолжува и во август каде имаме зголемување од 27,3%. Во септември околу 36,7%. Бројките покажуваат дека до крајот на годината очекуваме да имаме брилијантна наплата на ДДВ-то,“ вели Лукаревска.

Податоците покажуваат дека над 180 илјади граѓани скенираат сметки. Заклучно со денешниот ден остварен е вкупен поврат од околу 5 милиони евра. Следната исплата ќе биде во февруари следната година.