По завршувањето на најголемиот бран на ковид кризата Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе голем број на контроли кај даночните обврзници за неиздавање фискални сметки на територијата на целата држава и изрече повеќе од 400 глоби, изјави денеска директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

„Уште првата година по воведувањето на апликацијата МојДДВ имавме огромен број пријави за неиздавање на фискални сметки кои одеа преку анонимни пријави од страна на граѓаните во канцелариите на Управата, преку линијата 198 и на јавни социјални медиуми. Врз основа на тоа сме постапиле насекаде. Спроведени се огромен број на акции и на контроли“, рече Лукаревска, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција по повод „Две години МојДДВ со граѓаните“.

Таа додаде дека во периодот кога беше најголемиот бран на ковид-кризата оделе само превентивно кај сите даночни обврзници.

„По завршувањето на бранот имаме направено огромен бројна контроли и изречени се повеќе од 400 казни, односно глоби за даночните обврзници низ целата држава“, рече Лукаревска.