Компанијата Macedonian Honey е Европски победник во категоријата Клима (климатски промени) на StartUp Europe Awards за 2017 година
Достигнувањето на компанијата денеска ќе биде соопштени пред јавноста на прес-конференцијата, на која како што е најавено ќе говорат министерот министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ, директорот на Finnova (организатори на StartUp Europe Awards) Хуан Мануел Равуелта Перез и Луиџи А. ДелАквила, раководител на Одделот за европски фондови на Европската академија на региони.
Macedonian Honey е формирана со идеја дека мора да има подобра иднина за пчелата, биодиверзитетот и природата. – Во ова време на климатски промени, исчезнувањето на пчелите, намалувањето на биодиверзитетот, ние сме исправени пред одговорна задача да превземеме нешто. Опрашувањето, биодиверзитетот и човековата благосостојба се тесно поврзани, затоа сите ние сме вклучени без разлика дали сме бизнисмени, фармери, научници, индустријалци, политичари или едноставно – луѓе, велат од компанијата.
Резултат на работата на Macedonian Honey е спречување на изумирање на пчелите, зголемување на популацијата на диви пчели во природата, заштита на биодиверзитетот, и намалување на ефектот на климатските промени врз човековото живеење. – Затоа создадовме нова иновативна кошница која е прилагодена на природните потреби на пчелата и воедно ја олеснува работата на пчеларот. Пчелите одгледани во Elle-Hive стануваат посилни и нивниот генетски материјал им овозможува на идните генерации пчели полесно да се справат со предаторите и климатските промени, додаваат од компанијата. Кошниците се поставени на планинскиот масив Бистра-Стогово во југозападна Македонија, близу градовите Дебар и Кичево, на 100 километри воздушна линија од Јадранското море, каде природата е полна со богата вегетација и медоносни лековити билки како жалфија, нане, маточина, планински чај.
Macedonian Honey ја формираше и платформата International Bee-Station, која претставува место каде поединци, фирми, меѓународни организации, амбасади и други оганизации, ќе се сретнат и заедно ќе придонесат за заштита на природата.
МИА