На пазарот на труд има голем недостиг на работници, но истовремено има многумина што работат на он-лајн платформи. Само на една од нив, има 5.000 работници, а најголемата заработка од Македонија е половина милион евра!
Овие податоци ги презентираше универзитетската професорка Никица Мојсоска – Блажевски со која во „Утрински печат“ разговаравме за тоа како се „снаоѓаме“ во денешната кризна економија.
– Постои феномен работници на онлајн платформи. Лани само на една таква платформа – „Апворк“ работеле 5.000 Македонци. Дел од нив работеле во ИТ – секторот, дел во маркетинг…Најголема заработка на Апворк платформата од Македонија била половина милион евра. Ова се лица кои не се пријавени, ниту како вработени, ниту како невработени, не плаќаат социјални придонеси, данок. Тоа е загуба и на луѓе и на буџетски приход. Има повеќе вакви платформи, на кои се работи за странска компанија од Македонија. Некои соработници, со статус на фри ленсери работат директно со компании. На пример, работат на проект за освојување на нов пазар и таму работат во тим. Некои пак, преку посредници се ангажирани на тие платформи, исто со статус на фри ленсери. На овие платформи нема вработувања, туку договори за работа на дело, а може многу да се заработи – вели Мојсоска – Блажески.
Таа објаснува дека во овие случаи не легнуваат пари на банкарската сметка, туку се користат картички за плаќања, а најпозната е „пајонир“ картичката.
– Затоа државата не може да ги идентификува, не може да се наплати данок, а да не зборуваме за социјални придонеси. За ова имаше големо истражување кое трeбаше да му помогне на Минсисерството за труд и социјална политика да внесе некои работи во новиот закон за работни односи што се подготувава, но ништо не е внесено. Овие луѓе пак, ги користат нашите јавни услуги – патишта, школи, градинки, а ништо не плаќаат кон државата – посочува професорката.
Во однос на другите забелешки, Мојсоска – Блажевски вели дека се потребни промена на земјоделската политика, дореформирање на социјалната заштита, како и подоследна имплементација на владините мерки.
Во разговорот, професорката зборува и за високата инфлација на храна од 30 проценти на годишно ниво, велејки дека таа има многу поголемо влијание во Македонија, отколку во некоја развиена земја, каде што уделот на трошоците за храна е помал отколку кај нас.