Младен Маркоски, главен финансиски директор на мобилниот оператор А1 во Бугарија ја доби престижната награда на EY Bulgaria – CFO of the Year 2018

Професионалните квалитети и достигнувања на македонецот Младен Маркоски беа високо оценети во годинешното рангирање на консултантската компанија Ernst & Young во Бугарија.

 

Како признание за постигнатите резултати и успеси, Младен Маркоски ја доби наградата во категоријата за „Севкупен придонес“ од престижниот конкурс EY Bulgaria – CFO of the Year 2018. Ова е најзначајната награда во рангирањето, бидејќи го одликува кандидатот кој има собрано највисок број поени во сите посебни категории – „Стратегија за развој на финансиската функција”, „Планирање и прогнозирање”, „Контрола и одговорност” и „Ликвидност и ризик”. Критериумите за определување на добитникот вклучуваат длабинско оценување на неодамнешните финансиски резултати, стратешки насоки, етички прашања, иновации, корпоративно лидерство, лична чест, преземање на ризик, вредности и клучни тимски иницијативи.

– Му благодарам на менаџментот и тимот на A1 за поддршката и за одличните достигнувања, кои ги направивме заедно. Оваа награда ме мотивира за уште поголеми напори и подобри резултати во нашата работа годинава – сподели Младен Маркоски, кој наградата ја доби од Љубомир Ганчев, советник на министерот за економија во Бугарија.

Младен Маркоски е специјалист со долгогодишно искуство во сферата на финансиите. Ја има започнато својата кариера како ревизор во KPMG Македонија, а во телекомуникацискиот бизнис е од 2002 година. Дипломирал на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и магистрирал бизнис администрација на Cotrugli Business School.