Македонија за наредните четири години ќе добие на располагање 97 милиони евра помош од Европската унија за развој на земјоделството во рамките на новиот пакет ИПАРД 3. Тоа е за 62 отсто повеќе од помошта добиена со ИПАРД 2 и заедно со задолжителното учество на државата и со учество на корисниците, ќе достигне до 250 милиони инвестиции во овој сектор што не се за обуки или техничка помош, туку за многу конкретни нешта.
Ова го објавија денес евроамбасадорот Дејвид Гир и министрите за финансии, за земјоделство и за евроинтеграција, Фатмир Бесими, Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ на потпишувањето на финансиската спогодба за треттиот пакет помош за земјоделството од ЕУ, што Македонија го стартува како прва држава од Западен Балкан, а најверојатно и единствена што ќе почне да го троши оваа година. Поради тоа, министерот Николовски порача дека другите земји од регионот треба да учат од нас, нагласувајќи дека дури 80 отсто од помошта од ИПАРД 2 ќе биде искористена до крајот на годината, бидејќи веќе се исплатени 2.100 инвестиции – успех што не довел според него до овој договор денеска. Клучно, според Николоски, било да се врати довербата на корисниците на земјоделската помош во системот и во аплицирањето, која била изгубена по спроведувањето на пакетот помош ИПАРД 1.
-Досега имавме 11 повици, утре е последниот рок од последниот повик, а ние имаме склучено веќе договори за 100 отсто од буџетот. Исплатени и проверени од ЕУ целосно се 2.100 инвестиции и нема село во Македонија во кое ја нема таблата на ЕУ за искористени сретства од ИПАРД помошта. Затоа добивме 62 отсто зголемен буџет, рече Николоски порачувајќи дека оваа финансиска спогодба што ја потпишаа денес е круна на целиот тој резултат.
За министерот Фатмир Бесими новиот пакет платен со парите на европските граѓани е најсилен сигнал за солидарноста на ЕУ со нашата земја како идна членка на Унијата.
-Европа никогаш не се откажа од нас, ниту пак ние од неа, рече Бесими нарекувајќи го значително зголемувањето на помошта со новиот пакет. Според него оваа помош е важна бидејќи Македонија сака земјоделството да стане важена извозна компонента на државата, што го илустрираше и со вкупната сума на субвенции во земјоделството која од 2017 година досега е трикратно зголемена. Маричиќ посочи каде ќе се фокусираат парите, нагласувајќи дека ќе има инвестиции во физички сретства, во преработка на рибните производи и во диверсификација на земјоделскиот сектор.
Евроамбасадорот Гир додаде дека ИПАРД помошта ќе ја поддржува модернизацијата на земјоделството, развојот на органското производство и за првпат заштита и обновување на шумите како дел од зелената агенда што ја бара ЕУ. Но, тој посочи дека не се доволни само фондовите за одржливо и поразвиено земјоделство туку се потребни и структурни реформи, ефикасна и транспарентна употреба на јавните пари и навремено плаќање на обврските на државата за да не се плаќаат пенали. Тој го оцени како извонреден земјоделскиот потенцијал на Македонија и на јазик што не сме навикнати да го слушнеме во ваков контекст, рече дека „земјоделството е во срцето на економијата, на општеството и на идентитетот“.