Македонија е попривлечна и од Португалија за производство на медицински канабис и проценката за неговото производството е преку 250 милиони евра што е 2,5 отсто од БДП, вели премиерот Зоран Заев кој се соочува со критики од опозицијата која пак тврди дека премиерот ќе поднесе закон со кој ќе овозможи извоз на канабис за поголем профит на фирмата на неговиот прв братучед.  

„Верувам дека ќе имаме отрезнување од страна на опозицијата за деблокирање на законите во Парламентот. Во моментов бараме решение како да овозоможиме и извоз на цвет кој се употребува од индустријата за препарати за кожа, а има и други намени. Тоа ќе значи флексибилност во производството и привлечност за нови инвестиции.“ – изјави Заев.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не попуштаат. И понтаму тврдат дека Заев ќе поднесе закон со кој ќе овозможи извоз на канабис за поголем профит на фирмата на неговиот прв братучед.

„Заев сака да овозможи извоз на непреработена марихуана, а не како до сега на масло за медицински потреби. Државата тоа е Заев, тој како Луј 14 се поставува над целиот систем и продолжува да го брани Рашковски кој цела држава го виде со рацете во медот, во набавка на милионски софтвери. Несериозните испади на власта  данок го загрижуваат секој сериозен инвеститор, кои ќе почнат да се иселуваат, а нови нема да доаѓаат. Ќе останат само фабриките со марихуана на семејството Заеви.“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Одговорајќи на новинарски прашања по неговото обраќање на отворањето на првиот Старт ап самит во Македонија, Заев уште еднаш нагласи дека од вкупно издадените 61 лиценца, само една е на член на негов прв братучед. Што се однесува до критиките дека ќе биде формирана посебна Агенција за канабис, Заев рече дека тоа ќе биде од полза на инвеститорите а планирано е покрај десетте отсто за данокот на добивка, да се плати и десет отсто од извозната фактура.

На сметка на агенцијата ќе  се слеваат само два отсто од парите а другите ќе одат за ретки болести, за фондот за медиуми, за невладиниот сектор, за спорт и 1,25 за културните настани.