Прекумерната влага во процесот на вегетација и долгиот сушен период предизвикаа болести кај раноградинарските култури, житото и овошките, а лозовите насади трпат и до 100% штета. Од Националната мрежа на земјоделци од Владата побараа да прогласи елементарна непогода, зашто од земјоделска, се претвораме во земја зависна од увоз на храна.
– Реално македонскиот земјоделец и земјоделие се во колапс. Може слободно да кажеме дека се во клиничка смрт. И ако не се интервенира и државата не помогне финансиски и технички, ние дефинитивно ќе немаме храна. Ќе се соочиме со дефицит од храна. Во наредниот период и тоа што го имаме ќе го загубиме и како држава ќе е станеме сто проценти увозно зависни„ изјави Ѓорги Каракашев, национална мрежа на земјоделци.
Оризопроизводителите пак, се жалат дека болеста позната како „бел клас“ или клас без зрно, ќе ја преполови годинашнава реколта, а посебно стравуваат за површините каде што доцнеше сеидбата за цел еден месец.
– Родот ќе биде преполовен. Болеста си го зеде данокот. Ние како здружение испративме едно писмо и до министерот и до премиерот, да дојдат од Институтот за ориз и да проверат од каде оваа болест која речиси пет години ни се провлекува. Ни го десеткува оризот и претпоставуваме дека приносите за 50% ќе бидат намалени„ изјави Здравко Арсов, оризопроизводител од Облешево.
– Повшрините посеани по 20-ти мај, се надеваме дека ќе има подолго лето. Доколку ни се случи ланската ситуација и сланата падне порано во септември, очекуваме дополнителни намалувања на приносите, изјави Стојче Ташовски, оризопроизводител од Облешево.
Бараат усогласување на цените и ослободување од плаќање на воден надоместок за оваа годинa, задолжителни утврдување на производните цени, а оризот да стане стратешка култура, во спротивно, се заканија со блокади на патиштата.