Македонија има најевтина храна и безалкохолни пијалоци споредено со останатите европски држави, покажува европската статистика. Според анализата на Еуростат, лани прехранбените продукти во земјава се продавале за околу 35% поевтино од нивната просечна цена во државите од Европската Унија. По најниски европски цени се продаваат млечните производи, овошјето и зеленчукот, како и месото и рибата.
Но, просечната плата во Македонија од 25.270 денари за мај, покажува дека земјава е последна меѓу државите настанати од поранешна Југославија, а далеку од оние во Европа., а граѓаните трошат
дури две третини од месечната заработувачка за покривање на трошоците за храна.
Пред Македонија и нејзините 413,67 евра е дури и економски најзаостанатиот дел од некогашна СФРЈ, Косово каде што во април
годинава е исплатена просечна плата од 422 евра.
Убедливо највисока просечна плата во регионот од 1.113,88
евра добиваат работниците во Словенија, а по нив се колегите од Хрватска со 886,92 евра. Трета е Црна Гора со 516 евра, но за јуни, по неа е Босна и Херцеговина со 472,88 евра, па Србија со 470,64 евра.
Повисоки цени на прехранбените продукти има во сите држави од соседството.
Освен Македонија, меѓу земјите со најевтина храна и безалкохолни пијалаци се и Романија, Полска и Турција.
Само за потсетување, синдикалната минимална кошница за март 2019 година изнесувала 32 852 денари според анализата на “Сојузот на синдикати на Македонија“. Во пресметката не влегува износот за кирија и претставува пресметка на просечните потреби на едно четиричлено семејство.
Од пресметаните трошоци, 13.798,98 денари или 42 проценти од вкупните трошоци се за храна и пијалоци. Во другите категории можеме да видиме дека „домувањето“, каде се пресметуваат само давачките за сметки и одржување на домот, изнесува 10.414,17 што сочинува 31,7 проценти од вкупниот износ. Другите „поситни“ давачки се хигиена, превоз, облека и обувки, култура и одржување на здравје кои го сочинуваат остатокот од трошоците за едно просечно четиричлено семејство.