Деновиве се понудија разни програми со кои се најавуваше формулата за спречување на одливот на млади луѓе и истите тие да се задржат да бидат дел од македонската економија. Дел од тие програми и решенија комично се поврзува со нашиот евентуален влез во Европската Унија (ЕУ). Имено, како што покажува искуството речиси на сите постсоцијалистички земји, станувањето членка на ЕУ нема да го намали извозот на работна сила туку, напротив, најверојатно само ќе го забрза уште повеќе овој „извоз на човечки ресурси“
Трендот на динамичен одлив на млади луѓе во Европа и може ли тој да запре?
Македонија го губи младото и работоспособно население. Проблемот со одлив на мозоци, кој трае со децении, долго време се одлага под тепих.
Во претседателската кампања сите кандидати ги спомнуваат младите што се иселиле, во контекст дека целта е што побрзо да влеземе во Европска Унија и да ги вратиме младите во родната земја. Но, според она што го гледаме од регионот и од другите земји што се во ЕУ, особено оние што се во слична економска состојба како нашата, податоците зборуваат дека младите се иселуваат без оглед на сѐ. Наедно, следува прашањето дали со влез во Европската Унија ни се заканува егзодус. Какви стратегии ни требаат за да ги задржиме младите, како да го зајакнеме стопанството? Каков начин да најдеме да се запре овој тренд?
Демографите предупредуваат дека иселувањето станува сѐ поизразено и дека сѐ поголем број села се празни, а државите од Западен Балкан влегуваат во длабока демографска старост. Младите, а сега и цели семејства, заминуваат во странство, притоа не размислувајќи да се вратат назад во матичната држава. Причините за заминување се различни – од подобра заработка до разочараност од нефункционалноста на државата.
Македонија го чека своето членство во Европската Унија две децении, а сега, кога сѐ почесто се зборува и сме поблиску до тој чекор, се будат стравувања. Оправдано, се јавува дилемата дека младото работоспособно население ќе ја искористи секоја можност да ја напушти државатa, следејќи го примерот на нивните врсници од соседните земји членки, и дека, исто како нив, младото и работоспособно население ќе се втурне кон земјите од Западна Европа.
Колку за споредба, според демографите, во Бугарија доколку продолжи овој тренд, предвидувањата се дека до 2050 година бројот на жители во оваа земја ќе падне на 5,2 милиони жители за разлика од 2017 година, кога имало седум милиони жители. Ситуацијата е слична и во Босна и Херцеговина, како и во Хрватска, чии граѓани масовно се иселуваа во Ирска. Демографската криза се случува и во Романија, и покрај тоа што се влезени во ЕУ, а причините што ги наведуваат се економски и социјални.
Зошто нема да помогнат ниту најавите за „европски“ плати
Според економскиот експерт Здравко Савески, станувањето членка на ЕУ нема да го намали извозот на работна сила, напротив, како што покажува искуството на речиси сите постсоцијалистички земји, зачленувањето во ЕУ ќе го забрза уште повеќе овој извоз на младите во Европа!
– Дури и ветувањето дека ќе се исплаќаат „европски“ плати не врши голем ефект врз намалувањето на извозот. Побогатите земји секогаш ќе имаат простор да исплаќаат „поевропски“ плати. Она што треба да се направи е последното што сакаат да го слушнат политичарите. Нашите луѓе се иселуваат барем исто толку колку поради економски причини поради тоа што изгубиле верба во институциите, поради негативната селекција, корупцијата, поради упропастувањето на јавното здравство и образованието. Исто така, мора да се работи врз издигање на свеста дека не е еднаков на 100 отсто процентот на луѓе што се иселиле и им станало подобро. Секако, тој процент е висок, но не е рамен на 100 – укажува Савески.
Како што вели тој, на некои им станало полошо поради иселувањето, во крајна линија можеби им се подобрил животниот стандард, но поради губењето на целата мрежа на пријателства што ја имале тука, им се влошил квалитетот на животот.
– Оттука, секогаш добар совет е кога некој размислува за иселување да биде свесен не само за придобивките туку и за недостатоците, па откако добро ќе ги извага и двете, да се одлучи дали ќе се иселува или не – додава Савески.
Навистина ли исчезна елементот на патриотизам кај младите?
Според социологот Илија Ацевски, ако продолжи трендот на иселување на младите, за многу кратко време во Македонија ќе има недостиг од работна сила во сите сфери.
– Со години не се промени тој концепт на образование, да знае секој човек кога ќе влезе во одредена сфера на образование дека подоцна барем 80 отсто ќе најде работа за тоа за што се школувал. Во Македонија има сфери каде што ниту 20 отсто не наоѓаат работа според струката. Тоа е огромно разочарување и огромен губиток на енергија кај тие луѓе. Јас тука ги гледам причините тие да донесат одлука да ја напуштат државата. Како вие ќе задржите млад човек во земјава ако тој не верува во институциите, ако верува дека постои висок степен на корупција, ако верува дека тие се неефикасни, ако верува дека нема перспектива тука. Нормално е да помисли перспективата да си ја бара на два часа лет некаде надвор од државата – појаснува Ацевски.
Според него, сите вакви негативни состојби низ годините влијаеле кај денешната млада популација да нема никакви елементи на патриотизам кон својата држава.
– Кај младите не постојат елементи на патриотизам, тоа повеќе го нема. Тој млад човек мора да обезбеди елементарни претпоставки да заработи и да живее достоен живот. Но што се случува кај нас? Фрустрации, страв дека живее во најзагадениот град во Европа, бесперспективност, така што како на истиот тој млад човек да му објасниш дека треба да остане во Македонија – прашува Ацевски.
Време е за храбри реформи, но кој да ги направи? И како?
Ангел Димитров, претседателот на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека е време да се направат храбри реформи, кои се непопуларни и досега никоја политичка гарнитура не сакала да ги направи и се ставал проблемот под тепих, за да не ни се испразни државата од кадар и од луѓе.
– Никој не сака да спроведе непопуларни мерки, но такви треба да се спроведат што е можно побрзо, бидејќи државата се празни. Едно од прашањата што треба да придонесат за запирање на иселувањето, а треба да го реши државата со своите граѓани, е враќање на влогот во нивното образование. Државата има голем влог во образованието на кадарот и треба да создаде мерки со кои ќе ја ограничи можноста без да се врати тој долг да не може да се замине во странство. Можност за тоа има, но треба државата да биде решена да го запре иселувањето. Може, на пример, да определи број на години што треба да се поминат на работа дома пред да се замине во странство или да се обезбеди гаранција од секој што ја напушта земјата дека ќе ги врати парите што државата ги вложила во неговото образование – вели Димитров.