Меѓу двата пописи, од Македонија заминале 154.115 млади – повеќе од 77.000 родени во Македонија веќе не се резиденти на државата! Петар Барлаковски, директор на Младинскиот образовен форум, за весникот ВЕЧЕР изјави дека се добиваат поразителни податоци и со анализата на бројот на млади луѓе на локално ниво, чиј процент, споредено со 2002 година, е значително намален во сите општини. Според истражувањето, најголем пад на процентот на млади луѓе има во општините Аеродром, Маврово и Ростуше, додека, пак, најмал пад на бројот на млади луѓе има во општините Арачиново, Карбинци, Кривогаштани и Демир Хисар (пад од 2% на младото население). Интересен е податокот дека Општината Старо Нагоричане е единствена со константен број млади, а единствено Липково е општина што бележи пораст на младото население, специфично 2%. И за Ивана Атанасовска, претседател на Локален младински совет на Општина Битола, податоците се поразителни-потсети дека помеѓу двата пописа од 2002 и од 2021 година од Македонија се ислелија 77 илјади млади луѓе или за споредба еден град со големина на Битола!
Македонија станува држава на старци. Оваа констатација е аргументирана со последната анализа „Млади на попис“, која имаше цел да ги анализира клучните податоци за младите согласно со последниот попис.
Податоците од анализата укажуваат на она за што алармираат младинските организации веќе години наназад, а тоа е дека Македонија се соочува со сериозна емиграција на младите и нивно задржување во државата, како и општо стареење на населението, изјави за весникот ВЕЧЕР Петар Барлаковски, директор на Младинскиот образовен форум, кој заедно со Блажен Малески ја направи анализата поддржана од Фондацијата за демократија на Вестминистер. Барлаковски вели дека целта на проектот е на едно место да ги обезбеди клучните наоди за младите луѓе во државава, пред сѐ, за надлежните – национални и локални власти, кои при креирањето на политиките треба ги земат предвид релевантните податоци и бројки со цел да градат политики базирани на докази. Ова, пак, би придонело за креирање долгорочни политики кои ќе го адресираат проблемот со младинската емиграција, но и општо младинскиот стандард.
– Согласно со податоците од анализата, може да се увиди дека според пописот во 2002 година, процентот на млади од вкупниот број население е 24%, додека, пак, во 2021 е 18%. Ова укажува на тоа дека државата има сѐ помал број млади луѓе, а во конкретниот случај, тоа претставува пад од 6%. Во 2002 година, државата имала 480.848 млади, додека во 2021 – 326.733 млади. Овој пад на бројот на млади луѓе во државата ќе придонесе, односно веќе придонесува со негативни последици, пред сѐ, кон образовниот систем и пазарот на трудот, каде што може да се увиди дека бројот на запишани ученици, особено во помалите места, драстично опаѓа и преку фактот дека постои недостиг на работна сила. Важно е да се напомене и дека нешто повеќе од 77.000 млади луѓе што биле родени тука, веќе не се резиденти на државата. Ова укажува на тоа дека младите сѐ помалку го гледаат своето место во државата и сѐ почесто заминуваат надвор од државата, најчесто за барање подобра работа, подобро образование, но и општо – подобра функционалност на државниот систем. Ова се потврдува и со фактот што според голем број истражувања, национални и меѓународни, процентот на млади луѓе што сакаат да ја напуштат државата е над 60% – појаснува Барлаковски.
Тој посочува дека поразителни податоци се добиваат и со анализата на бројот на млади луѓе на локално ниво, чиј процент, споредено со 2002 година, е значително намален во сите општини. Според истражувањето, најголем пад на процентот на млади луѓе има во општините Аеродром, Маврово и Ростуше, додека, пак, најмал пад на бројот на млади луѓе има во општините Арачиново, Карбинци, Кривогаштани и Демир Хисар (пад од 2% на младото население).
– Интересен е податокот дека Општина Старо Нагоричане е единствената со константен број млади, а единствено Липково е општина што бележи пораст на младото население, специфично 2%. Имајќи го ова предвид, потребно е единиците на локалната самоуправа, особено оние во руралните средини, да вложуваат повеќе напори во креирањето подобри услови за младите во овие средини, ако се има предвид дека постојат значителни разлики во квалитетот на живот помеѓу младите во урбаните и младите во руралните средини – вели Барлакоски.
Според насоките од анализата, посочено е дека државата треба да реагира во две насоки. Првата, каде што ќе креира политики што ќе ги задржат младите луѓе во државата и ќе се труди да овозможи приближно исти услови како на оние млади во државите на ЕУ и втората – каде што ќе се труди да ги привлече, односно врати назад оние млади луѓе што веќе емигрирале.
-Младите се иселуваат поради не функционалноста на системот и недовербата на институциите, барем тоа е она што укажуваат во постојаната комуникација. Потоа нископлатената работна сила, добриот стандард кој што тука не можат да го имаат, тука е понудата на социјален живот, култура, спорт, односно сметаат дека немаат добра понуда“, изјави Ивана Атанасовска, претседател на Локален младински совет на Општина Битола, за телевизија Телма. Самите за себе велат дека се апатични, младинскиот активизам е препуштен на похрабрите. Оние што остануваат дома веруваат во промени, но, се поголем е бројот на младите кои по секоја цена сакаат да ја напуштат Македонија.
-Младите имаат недоверба и се апатични, не веруваат дека би настанале промени. Оние кои остануваат имаат надеж дека би имало подобро утре и подобар начин на живот, но сметам дека има се помлаку доверба за да се остане и да се живее во оваа држава“, додава Атанасовска. Потсети дека податоците од државната Статистика во очи Меѓународниот ден на младите се поразителни-помеѓу двата пописа од 2002 и од 2021 година од Македонија се ислелија 77 илјади млади луѓе или за споредба еден град со големина на Битола.
Ковачевски до оние кои останаа во државава: Сега е време за храбри одлуки за европската иднина на младите
Младите се носители на прогресот во секое општество, предводници во реализација на нови, свежи и храбри идеи за чие остварување треба да сме им поддршка. Затоа како Влада се фокусираме на креирање конкретни мерки кои ќе ги зголемат можностите за вработување на младите. Ги охрабрувам младите – бидете гласни, нека се слуша вашиот глас, заслужувате иднина за која ние како генерација пред вас ќе се бориме со храбри и државнички одлуки, порача претседателот на Владата Димитар Ковачевски во честитката по повод Меѓународниот ден на младите, 12 август.