Според анализата на институтот Сазадвег, заклучно со 7 април, Македонија донела одлука финансиски да интервенира во стопанството во висина од 0,2% од БДП. Во земјите од регионот најмногу одвоиле за помош на стопанството во Србија, дури 11% од БДП, а во Европа, Германија дури 30,6 отсто од БДП
Македонија е меѓу европските држави кои за помош на економијата вбризгале најмалку пари во првиот месец по прогласувањето на пандемијата.
Ова го потврдуваат анализите на унгарскиот институт за економски истражувања Сазадвег. Според анализата, заклучно со 7 април, Македонија донела одлука финансиски да интервенира во стопанството во висина од 0,2% од БДП.
Помалку пари од нас одвоиле само Белорусите, чија држава нема рестриктивни мерки за превенција на ширењето на коронавирусот. Најмногу одвоиле во Германците, дури 30,6% од БДП.
Според Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопанските комори, предност е што другите држави многу порано ја детектирале сериозноста на ситуацијата и итната потреба за вбризгување пари во стопанството, со цел да се заштити економијата и да не се пристапи кон алтернативни мерки, како на пример кратење плати, отпуштање работници, затворање фирми.
-Просечно во земјите во Европа се одвојувало најмалку 15% од уделот во БДП, па и нагоре, меѓутоа треба да се земе предвид дека се работи за првите пакети што ги презеле државите за економијата за да не навлезат во некоја рецесија – вели Арсоска и дополни дека мерките што ги одвојува Владата за стопанството не се доволни, на македонското стопанство му треба многу повеќе.
Според ССК, не само што се мали средствата туку и критериумите што се дадени се комплицирани за да се дојде до овие пари.
Доколку се спореди и со земјите од регионот, земјава е последна, бидејќи земјите од нашето окружување интервенирале со најмалку шест пати повеќе пари од нас. Најмногу одвоиле за помош на стопанството во Србија, дури 11% од БДП.
Анализата на унгарскиот институт е направена врз основа на донесените одлуки и објавени економски пакети за помош на стопанството, а податоците се добиени од Светска банка и ММФ.
Унгарски институт за економски истражувања