Како до една милијарда евра во трговската размена со Македонија, анализираше вчера новинската агенција Танјуг и наведува дека трговијата лани изнесувала 767,06 милиони евра, што е покачување од 5,5 отсто во однос на 2016 година.
Српското Министерство за трговија, туризам и телекоминикации порача дека за Белград е од големо значење да продолжи зајакнувањето на трговските односи со Скопје. За да се случи тоа, стои во анализата, неопходно е да се почитува ЦЕФТА Договорот за слободна трговија меѓу двете земји, поради што неодамна претставници на Белград и Скопје одлучија да формираат „ад-хок“ работна група за решавање на проблемите поврзани со извозот.
Македонскиот вицепремиер задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев беше во Белград минатата недела и по средбата со министерот за трговија Расим Љајиќ рече дека „Македонија е подготвена да го почитува ЦЕФТА Договорот и да ги олесни сите административни и неадминистративни бариери ако тоа е подготвена да го направи и другата држава”.
Љајиќ и Анѓушев се согласија до 30 јуни да биде потпишан и ратификуван билатералниот договор за соработка во областа на безбедноста на храната и ветеринарството, како и договорот за фитосанитарна соработка со кој меѓусебно ќе се признае важењето на сертификатите.
Љајиќ очекува за десетина дена во македонското Собрание да се усвои новиот правилник, кој меѓу останатото, ќе го регулира и прашањето за увозот на брашно од Србија, како и пред седми февруари кога Скопје донесе решение со кое го „закомплицира“ увозот, пишува Танјуг.
Од „Житоунија“ од Нови Сад велат дека извозот на српско брашно во Македонија и Косово е намален за 23 отсто во изминатите два месеца поради нецаринските бариери. Оттаму прашуваат дали е решен проблемот со „неселективната анализа” на брашното на радионуклеиди и тешки метали, која се применува кон српските извозници. Тврдат дека реалноста на теренот е значително различна од она што го претставува Скопје, па се сомневаат дека Македонија ќе се придржува кон договорот, бидејќи во последните 10 години, 13 пати се воведувани различни „блокади” кон српските производи.
Одговарајќи и на „Житоунија“, Љајиќ порача дека кога станува збор за брашното, договорено е анализата на камиони на границата да се работи „на прифатлив примерок од три до пет проценти од испратената стока” и дека по потпишувањето на Договорот за признавање на сертификатите и на фитосанитарната соработка и овој проблем ќе биде решен, додава Танјуг.
Според Љајиќ, Србија попуштила по многу прашања, како за извозот на ориз од Македонија во Србија, за што се жалеле македонските трговци, бидејќи на граничните премини камионите со ориз стоеле и до недела дена, додека не пристигнат анализите од Нови Сад.
На состанокот во Белград е договорено и српските гранични служби да работат на „олеснувањето на увозот“ на сувомесните и на млечните производи од Македонија, наведува Танјуг во анализата.