Во просториите на Македонска берза се одржа работилница на тема: “Запознавање со законските измени поврзани со трансформација на претпријатијата во акционерски друштва“ на која присуствуваа финансиски консултанти кои се дел од Платформата за пристап до финансии 3.0 на Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст. На работилницата беа објаснети законските измени со кои се олеснува постапката на транформација на друштвата со ограничена одговорност во акционерски друштва, постапката за првично издавање на хартии од вредност и воведувањето на нов т.н. Растечки пазар (Growth Market).
Оваа иницијатива има за цел, во соработка со консултантите, да ги запознае компаниите, главно мали и средни претпријатија подетално со процесот на првично издавање на хартии од вреднсот и да ги поттикне и охрабри компниите кои имаат потенцијал да се трансформираат во акционерски друштва. Покрај самиот процес на отварање на компанијата за јавноста беа потенцирани и објаснети предностите од котација на берза и беа презентирани успешни приказни на компании кои направиле иницијална јавна понуда на пазарот на капитал.
Работилницата е дел од соработката на Македонската берза и Активноста на УСАИД во насока на зголемување на финансиската способност, продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, истовремено земајќи ги предвид и факторите што влијаат врз животната средина и општественото опкружување при донесување на корпоративни одлуки.