Со пад во два последователни квартали македонската економија официјално е во рецесија. Државниот завод за статистика објави дека во третиот квартал бруто домашниот производ се намалил за 3,3 проценти, што се надоврзува на пад од дури 14,9 проценти во вториот квартал, ревидиран од првичните 12,7 проценти. Со ова се остварија прогнозите на меѓународните и домашните финансиски и други институции, како и на експертите дека ковид-кризата ќе ја потоне и македонската економија.
Според овие податоци просечниот пад на економијата во првите девет месеци од годинава е 5,8 проценти.
Најголем пад во третиот квартал статистичарите измериле во рударството, дури за 10,4 отсто и во преработувачката индустрија од 9,1 отсто. Во трговијата падот е 2,3 отсто. Раст е регистриран во секторот земјоделство, шумарство и рибарство од 5,2 отсто, како и во градежништвото за 3,4 проценти и дејноста информации и комуникации од 3,3 отсто. Намалување има кај финалната потрошувачка на домаќинствата за 1,4 отсто номинално, а раст кај јавната потрошувачка од 13,5 проценти. Пад има и кај увозот и извозот и тоа за 3,2 и 6,8 отсто.
Од Владата сепак се оптимисти и веруваат дека годинава ќе заврши така како што планирале. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи истакна дека најновите статистички податоци за падот на БДП се очекувани.
-Владата уште во април најави дека ова ќе биде година во рецесија. Тоа не е случај само кај нас, туку со истиот проблем се соочуваат и сите други држави, рече тој и додаде дека се очекува следната година економијата да оди во нагорна линија.
И според министерот за економија Крешник Бектеши трендот кој е во нагорна линија ветува дека ќе се реализираат прогнозите за пад на економијата меѓу 4,2 и 4,5 проценти.
Додека Владата не отстапува од своите прогнози Народната банка, пак, надолно ги ревидираше своите априлски проекции, па наместо 3,5 сега очекува пад на економијата од 4,9 проценти за оваа година.
-За 2020 година проектираме пад на економските активности од 4,9 проценти наспроти пад од 3,5 проценти при априлските проекции во услови на послаби остварувања во првата половина на ова година и оценки за побавно заздравување во втората половина, рече гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.
Според прогнозите на Народна банка економијата ќе може да закрепне дури во 2022 година. За наредните години се проектираат поумерени стапки на раст од 3,9 проценти во 2021 година, 3,6 проценти во 2022 и 4 проценти во 2023 година.
-Согласно со тековните оцени, последиците од кризата ќе се чувствуваат и во 2021 година, додека целосно закрепнување и надоместување на економските загуби се очекува во текот на 2022 година. Макроекономското сценарио и ризиците околу него во најголема мера се условени од развојот на здравствената криза во глобални рамки, односно од справувањето со пандемијата и нејзините последици врз однесувањето и очекувањата на економските субјекти. Засега, имајќи предвид дека ковид-шокот е од неекономска природа, не се очекува тој да има позначителни ефекти врз долгорочниот потенцијал за економски раст, појасни гувернерката.
Од институтот Фајнанс Тинк велат дека падот на БДП во третиот квартал од 3,3 отсто е нешто помал од нивнике априлски проекции за пад од 4,7 проценти, што е резултат на владината интервенција за ублажување на социо-економските ефекти од ковид-19, која беше најинтензивна во третиот квартал.
-Тоа се согледува и преку растот на јавната потрошувачка во овој квартал од 13,5 отсто, во услови кога домаќинствата продолжиле да бидат воздржани (пад на приватната потрошувачка од 4,1 отсто), а условите на трговијата продолжиле да бидат отежнати. На производната страна, во третиот квартал се забележува релативна консолидација, која е значајна кај најпогодените сектори: преработувачката индустрија, трговијата, транспортот и хотелиерството, иако тие го продолжиле својот пад, анализираат од институтот.
Фајнанс Тинк ја коригира својата проекција за падот на БДП за цела 2020 година на минус 4,8 отсто, а за четвртиот квартал на минус 1,8 проценти. Проекциите на институтот за движењето на БДП наредната година се раст од 4,9 насто, но ако економските текови продолжат со разумно темпо на нормализација до почетокот на вториот квартал од годината, што пак е одредено од брзината и ефикасноста на вакцинирањето против ковид-19.
Со пад на економијата годинава се соочува целиот свет, а минимална стапка на раст се очекува да имаат само 26 земји. ММФ ги ревидираше своите прогнози за пад на глобалната економска активност годинава на 4,4 отсто.