Македонски производители реализирале извоз од 5 милиони евра преку продажната мрежа на Лидл се вели во соопштението на компанијата. Извозниот промет бележи пораст од 25 пати во однос на истиот период лани, а заедно со Лидл Македонија, 20 македонски компании реализирале извоз во три земји од регионот – Србија, Бугарија и Хрватска.
„Минатата година Лидл Македонија оствари посериозен извоз на македонски производи во регионот и покрај тоа што не е сеуште оперативна компанија со маркети во државата. Првпат, во Лидл Србија, Бугарија и Хрватска, организиравме неколку тематски недели посветени на традиционалните македонски производи и претставување на автентичноста на македонската кујна. Производите ги задоволуваат сите потребни стандарди за врвен квалитет и особено нè радува што се одлично прифатени од потрошувачите. Ова е доказ за одличната соработка и успешните партнерства кои Лидл ги гради со локалните производители и добавувачи. Со овој позитивен тренд за поддршка на македонските компании ќе продолжиме и оваа година, проширувајќи го извозот и во други земји“, вели во пишана изјава Стефан Георгиев, директор за набавки на Лидл Македонија.
Во 2024 година прометот од извоз на овошје и зеленчук од македонско поднебје преку Лидл е над два милиони евра, а најголем е извозот на грозје, зелка, црвена пиперка, домати и сливи. Тие се од домашни производители кои поседуваат Global G.A.P. и GRASP меѓународно признати стандарди за земјоделско производство гарантирајќи дека производите се безбедни и одговорно одгледувани.
На почетокот на минатата година Лидл Македонија започна со изградба на логистички центар во Куманово. Компанијата денес има повеќе од 200 вработени со намера, како што соопштуваат, тој број да расте во иднина.