Македонски Телеком АД-Скопје има водечка позиција на пазарот во фиксни говорни услуги во првите три месеци од 2018 година, покажуваат неревидираните финансиски извештаи согласно Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ).
Нето добивката за првите три месеци од 2018 година е зголемена за 16 отсто во споредба со истиот период од претходната година и изнесува 382 милиони денари. Приходите од продажба во првите три месеци од 2018 година изнесуваат 2.503 милиони денари, што претставува зголемување за 2,1 отсто (без ефектот од МСФИ 15) во споредба со истиот период од претходната година.
Вкупниот број на пристапи на широко појасен интернет на крајот од првите три месеци од 2018 година е стабилен и изнесува 187,7 илјади, додека уделот на пазарот на широкопојасен интернет на крајот од првите три месеци од 2018 година е 45,1 отсто, според интерна проценка.
Во однос на ТВ пазарот, Македонски Телеком има 28,6 отсто удел од вкупниот ТВ пазар, според интерна проценка. IPTV (дигитална телевизија преку интернет протокол) услугата, поради високиот квалитет, интерактивноста и уникатното ТВ искуство е добро прифатена на пазарот. Па така, компанијата оствари зголемување на бројот на IPTV корисници (вклучувајќи Magenta 1, 3 Play и други TV услуги) за 7,5 отсто во споредба со истиот период од претходната година, што резултираше со база од 119,1 илјади корисници на крајот од првите три месеци од 2018 година.
На пазарот на мобилната телефонија, компанијата има удел на пазарот од 48,6 отсто, според интерна проценка. Базата на претплатници на крајот од првите три месеци од 2018 година изнесува 1.174 илјади претплатници и е намалена за 4,8 отсто во однос на истиот период од претходната година.
Приходите од говорни мобилни услуги на крајот од првите три месеци од 2018 година се зголемија за 1,9 отсто (без ефектот од МСФИ 15) во споредба со истиот период од претходната година. Ова зголемување главно произлегува од поголемите малопродажни приходи, придвижени од зголемениот сообраќај компензирано со намалениот обем на меѓународен дојдовен сообраќај во терминација.