Двесте милиони денари се ставени на располагање на Министерството за транспорт и врски за плаќање на дел од долгот на „Македонски Железници“. Претпријатието има вкупен долг од шест милиони евра за електрична енергија, а со овие средства кои ги добија од буџетот ќе го отплатат речиси половина од долгот.

Оваа одлука синоќа е изгласана во Собранието на Македонија. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски од Свети Николе истакна дека станува збор за прераспределба на средства за буџетските корисници.

„Со што ќе продолжи грижата од страна на Владата и поддршката за ова претпријатие, кое е витално претпријатие и во време на криза да продолжи да ги врши обврските и дејноста за којашто е формирано и да продолжи со работа и во делот на товарниот и во делот патничкиот транспорт, вели Бочварски.

Посочи дека долгот на „ЖРСМ Транспорт”‘ варира и се менува какошто вели од ден на ден.

„Ние, можам да кажам дека само во текот на оваа година, дадовме преку 12 милиони евра поддршка на мкедонски „Железници – транспорт”. Генерално секоја година помагаме преку обврската за субвенционирање на патничкиот превоз и таа обврска е некаде од шест и пол до седум милиони евра. Но оваа година дополнително дадовме поддршка, заради тоа што веруваме дека во време на криза преку ова претпријатие македонски Железници се внесуваат и дел од енергенсите во државата“, вели Бочварски.

Забележа дека токму поради и ова македонски Железници мора да се држи во кондиција, за да ги извршува своите обврски.