Македонскиот денар полни 26 години. На денешен ден, 26 април, 1992-та Македонија монетарно се осамостои, беше воведена новата валута, најпрвин како вредносни бонови, а една година подоцна и како Денар.

Веднаш по прогласувањето на независноста на 8-ми Септември 1991-та започнале подготовките за монетарно осамостојување, а целиот процес се држел во најстрога тајност.

Било проценето дека новата валута мора да биде воведена што поскоро поради хиперинфлацијата која била присутна во СФР Југославија во тоа време. Сепак, предвид морале да бидат земени и повеќе фактори кои го отежнувале процесот: ниските девизни резерви, стравот од реакција од Србија и од меѓународната заедница, а целата ситуација дополнително ја компликувало и присуството на ЈНА која се уште не била повлечена од Македонија.

Била формирана посебна Комисија за монетарен систем која ги координирала активностите кои официјално започнале со одлука на експертската Влада од 19-ти декември 1991. Народната банка била овластена да започне со изработка на вредносни бонови како привремено платежно средство. Речиси 30 милиони единици биле отпечатени во „11 Октомври“ Прилеп во апоени од 10, 25, 50, 100, 500 и од 1.000. Заради ефектите на хиперинфлацијата подоцна биле отпечатени и од 5.000 и 10.000 единици.

Поради кусото време за изработка било одлучено сите бонови да имаат ист дизајн, да се разликуваат само по боите. Основен мотив на предната страна бил Македониумот во Крушево, а на задната тутуноберачите.

Боновите биле отпечатени пред да биде донесена одлуката за името на новата валута, па на нив никаде не пишувало „денар“, стоела само вредноста.

Предлогот за името на парите дошол од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) поточно од академик Петар Илиевски.

Речиси веднаш по пуштањето во оптек на вредносните бонови започнуваат и подготовките за воведување на првата стандардизирана емисија на македонски денари односно на банкноти од 10, 20, 50, 100 и од 500 денари и монети со вредност од 50 дени и од 1, 2 и од 5 денари.

 

 

 

Кон крајот на 1992-та бил распишан конкурс за изработка на новите пари. Од авторите било побарано да достават идејни решенија за шест апоени, и тоа во две варијанти: една, со ликови од историјата на Македонија и втора, со симболи на државноста, историјата, културата, природата и општествените одлики на Македонија.

На конкурсот пристигнале осум понуди, од кои четири не ги исполниле техничките и формалните барања.

Процесот на замена на вредносните бонови со македонски денари трае до 10-ти мај 1993-та, а на 7-ми мај била донесена одлука со која еден денар вреди 100 дотогашни вредносни бонови со цел да се изврши прилагодување поради повеќегодишната инфлација.

 

 

 

Сегашниот изглед на денарот е воведен на 8-ми Септември 1996-та, на петгодишнината од македонската независност.

Банкнотите со помала деноминација, 10, 50 и 100 денари се печатени во Република Македонија, додека банкнотите со деноминации од 500, 1000 и 5000 денари се печатени во Обединетото Кралство.

Сегашните македонски банкноти содржат повеќе заштитни елементи како што се воден печат, заштитен конец, скриена слика, микро текст, двоен пасер и оптички променлива боја.

Банкнотите имаат симболи и претстави кои го изразуваат културно историското наследство на Македонија, а идејното решение е на ликовниот уметник Билјана Унковска избрано на јавен конкурс.

Последната девалвација се случи во 97-та кога преку ноќ денарот изгуби повеќе од 16.1% од својата вредност – германската марка поскапе од 27 на 31 денар. Оттогаш земјава води политика на ниска инфлација и стабилен курс на денарот. Националната валута е врзана за еврото и тоа на позиција од 61.5 денари за едно евро.

 

Извор: Денар