Македонскиот и бугарскиот текстилен Кластер денеска во Штип најавија дека соработката ја продолжуваат со реализација на четвртиот проект, кој е финансиран од европските фондови.
–Целта на проектот, поддржан од надлежната европска економска комисија, ќе се фокусира на подобрување на социјалните стандарди во текстилот, поголема афирмација на балканскиот текстил и честа присутност на европскиот пазар, како и дополнителни мерки за стимулирање на младите да ја одберат оваа професија како нивна идна основа за егзистенцијална сигурност, рече Наташа Сивевска, извршен директор на македонскиот Текстилен кластер.
Претставниците на компаниите од двете земји се едногласни дека потребна е поголема афирмација на оваа трудоинтензивна стопанска гранка пред европската економија, особено економиите на развиените европски земји.
Јордан Белоцки,извршен директор на бугарскиот Текстилен кластер најави дека во рамките на проектов посебно внимание ќе биде насочено на модернизација на производството, а ќе имаат и меѓународна конференција во Ќустендил. Тој најави дека од 1 јануари 2020 година текстилните работници во Бугарија ќе имаат минимална плата од 610 лева или 300 евра.
–Самиот факт што 1 јануари идната година, минималната плата во бугарскиот текстил ќе биде 610 лева или 300 евра, им дава надеж на текстилните компании, некако полесно да изнајдат решенија како да ги задржат своите работници, бидејќи недостигот од работна рака поради ниската досегашна минимална плата е нивен горлив проблем. Под оваа висина на плата никој во Бугарија не размислува својата егзистенција да ја обезбедува во текстилните компании, вели Белоцки.