Вкупната добивка на 13-те македонски банки во првите 9 месеци од годинава изнесува 197 милиони евра. Во однос на истиот период од минатата година таа е поголема за 66 милиони евра.
Тринаесетте банки кои работат во земјава на крајот на третиот квартал располагале со вкупна актива од 12,237 милијарди евра, покажуваат последните податоци на Народна банка кои се однесуваат на третиот квартал од годинава. Во истиот период нивниот вкупен профит се зголемил за 48% или за 197 милиони евра.
Во земјава има 13 банки од кои 5 се големи, 3 средни и 5 мали.
Петте најголеми банки на крајот на септември располагале со актива од 9,974 милијарди евра.
На врвот и годинава е Комерцијална банка чија актива на крајот на септември изнесувала 2,748 милијарди евра или повеќе за 159 милиони евра од истиот период лани.
Втора е Стопанска банка Скопје. Таа на крајот на септември имала актива од 2,216 милијарди евра, што во однос на септември 2023 година е раст од 169 милиони евра.
Вредноста на активата на НЛБ Банка која е трета на листата на крајот на третиот квартал изнесува 1,952 милијарди евра или повеќе за 149 милиони евра во однос на претходната година.
Халк банка е четврта на листата со актива од 1,672 милијарди евра. Оваа банка годинава бележи и најголем раст на активата од 261 милиони евра.
Петта на листата е Шпаркасе банка која на крајот на третиот квартал имала актива во износ од 1,579 милијарди евра, со забележен раст од 148 милиони евра во однос на истиот период лани.
Трите средни банки вкупно располагаат со 1,522 милијарди евра како актива. Најголема актива има Прокредит од 800 милиони евра. По неа се УНИ Банка со актива во износ од 431 милион евра и Развојна банка со повеќе од 291 милиони евра.
Петте мали банки пак во третиот квартал имале актива од вкупно 741,5 милиони евра.
Поединечно Централна кооперативна банка на крајот на третиот квартал имала актива од речиси 200 милиони евра, Стопанска банка Битола (175 милиони евра), ТТК банка (160 милиони евра), Силк Роуд банка (156 милиони евра) и Капитал банка располагала со актива во вредност од 50,5 милиони евра.
Актива на банките во третиот квартал од 2024 година
Извор: НБРМ
Податоците на Народна банка кои се однесуваат до крајот на ноември покажуваат дека банките чуваат околу 10,3 милијарди евра депозити коишто им припаѓаат на корпоративниот сектор, домаќинствата, останатите финансиски институции, непрофитните институции коишто им служат на домаќинствата и локалната самоуправа. Од нив 9,3 милијарди евра се депозити на граѓаните и компаниите. Во ноември вкупниот износ на депозитите на граѓаните изнесувал 6,2 милијарди евра. Тоа говори дека граѓаните имаат висок процент на доверба во овој стопански сектор на земјава.
Во истиот период граѓаните кај банките должеле повеќе од 4 милијарди евра или заедно со компаниите 7,8 милијарди евра.
Во трите квартали од годинава банките бележат вкупен раст на профитите од 48%.
Вкупната добивка на 13-те македонски банки во првите 9 месеци од годинава изнесува 197 милиони евра. Во однос на истиот период од минатата година е поголема за 66 милиони евра.
Дури 180 милиони евра од вкупниот банкарски профит отпаѓа на петте најголеми банки, кои го зголемиле профитот за 60 милиони евра во однос на истиот период лани.
Средните банки оствариле вкупен профит од 15 милиони евра, што е зголемување за 6 милиони евра, а малите банки имаат вкупна добивка од околу два милиони евра.